Кафе во „Фонтана“, по скрипти кај „Зоки“ во Мавровка – спомени од студентските денови
Ех, тие студентски денови, да ми се вратат сега назад. Денови кога напнувањето за испити и колоквиуми ми беше најголем проблем.
Кога заборавав на сите грижи веднаш штом излезев од амфитеатар после полагање.
Кога пиевме по 10 кафиња на ден без проблем. Кога со колегите уживавме со саати на кафе во Фонтана во Мавровка додека чекавме да ни испечатат скрипти кај „Зоки“ или во „Либро“.
Си јадевме тост или сендвич Фантазија во бифе на Економски. Се тепавме за маса кога ќе фатевме пауза од предавања. Се „шлепавме“ во делот за професори ако имавме среќа да е лабаво.
Бескрајни дебати после полагање кој што напишал на кое прашање. Дали е или не е точно. Дали имаше логика да учиш од скрипта или сепак дале прашање и од книга. Кој колку и дали препишал.
Не се далеку од вистината кога велат дека студентските години се оние најубавите. Кога се создаваат пријателства кои траат засекогаш. Кога немаш строго наведени обврски во секојдневието.
Кога колку ќе научиш – толку ќе знаеш и заслужиш. Најчесто.
Ми недостасуваат деновите поминати на скалите на факултет. Редовните дружби со колегите. Излегувањата до 4 сабајле кога следен ден имаш да држиш предавање или да презентираш проект.
Деновите кога ги чекаш резултатите на огласна табла и бараш да видиш дали ќе поминеш додека гледаш резултати за цел смер и им ги јавуваш по телефон.
Кога ќе се соберевме кај колегите кои живеат под кирија во Скопје и им седевме до сабајле на гости.
Кога дремевме во читална „као учиме“.
Моментот кога ќе исчистиш година во јуни и имаш цело лето за уживање.
Има ли поубаво од студентски живот?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. П. | Црнобело