Се чекаме кај „Чичко Стоилко“ или кај „Фреш“?
Кога проаѓам низ центарот на Скопје, често пати знам да си речам „Еј, на времето кога се чекавме тука кај „Стоилко“ и кај „McDonald’s“.
Некако како многу да се има променето градот. Немам баш претстава кои се денешните локации каде што се наоѓаат младите, но се сетив на неколку каде што ние се чекавме со пријателите кога требаше да излеземе. А, немаше мобилни за да се договориме ако касниш или да ти кажат каде ќе седнат во меѓувреме или каде да ги најдеш. А, сепак, функциониравме беспрекорно.
Кога бевме во основно, со другарките често пати се чекавме на „Градска“ – на автобуската кај Градска Болница. Мислам дека ова ни беше останато како пример од нашите постари сестри кои претходно се чекаа таму. Од таму и не земаа нашите родители во 10.20 – колку што имавме излез.
Кога се отвори „Fresh“ најчесто се чекавме таму. А, додека чекаш, често пати фаќаш ред (Да, се чекаше ред) за најдобрите палачинки во градот. Мислам дека се уште го памтам вкусот на крцкаво тесто и нутела. Топли, тазе – најубави. И чинам беа 50 денари. А големи. Да се прејадеш.
„Чичко Стоилко“ веројатно е едно од најкултните места за „чекање“ на повеќе генерации. Место каде најчесто ќе си каснеш и хамбургер или комбиниран.
Кога имаше шема на „Крукче“ на Плоштад, се чекавме баш таму. Еден куп луѓе испоседнати на работ на „Крукче “, џагор, галама – со сите ќе се видиш тука. Владееше некоја особена безгрижност во ова време. И после часови се седеше на крукче со саати.
Имаше период кога „кисневме“ во McDonalds, па најчесто се чекавме на Рекорд или баш пред McDonald’s.
Кога се излегуваше во „Булевар“ или „Декорум“ – се знаеше дека се чекаме кај Кинг Бургер. А, таму и ја завршуваме вечерта без исклучок.
За во „УНА“ се чекаме кај Јосип Броз. За во дискотеките во парк – кај Маракана. За МНТ – на автобуската кај Работнички.
Каде се чекавте вие со пријателите во „Ваше време“?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. П. | Црнобело