„Ве поттикнуваме повеќе да го користите јавниот превоз“ - а со кои автобуси би требало да го постигнеме тоа?

Во овој период од годината кога загадувањето достигнува вртоглави количини на PM10 честички постојано се запрашуваме за причините, последиците како и решенијата поврзани со овој сериозен проблем. Кој е главниот причинител на загадувањето? Какви последици ни остава тоа? И конечно–како да го решиме проблемот?

Ve-pottiknuvame-povekje-da-go-koristite-javniot-prevoz-01.jpg

Тргнувајќи од себеси како свесни, еволуирани, човечки суштества, првата инстинктивна мисла ти е дека на вакво загадено време грев е да седнеш сам во автомобилот, да се извозиш цели 6-7 km до работното место и твојот автомобил да предизвикува дополнително загадување. Па си велиш – зошто да правам дополнителна гужва и да го загадувам воздухот уште повеќе? Ајде да одам на работа со автобус.

Е ајде де! Постојано нè поттикнуваат повеќе да го користиме јавниот сообраќаен превоз. И јас сум првата која ја поддржува таа идеја. Само не знам дали оние кои нè охрабруваат на ваквите идеи некогаш самите го користеле овој сервис, па да видат со што точно се соочуваме ние, обичните граѓани.

Прво, автобуси нема ниту за лек. Ќе чекаш 25 минути во место, само за да се наредат 5 автобуси еден зад друг истовремено. Ќе трчаш како без глава да видиш дали оној што го чекаш се подредил на автобуската постројка.

Тука е, само што е толку преполн што не можеш ниту да влезеш. Ајде некако си се напикал во автобусот. Одвај можеш да ја поминеш картичката. За седнување не станува ниту збор, ти едноставно не можеш да земеш воздух од што нема доволно кислород. Луѓето се натискани како сардини. Сите се нервозни со добра причина. Зимно време е „кочан ладно“, летно време се вариме како во сауна. Кога ќе се смилуваат да пуштат клима не знаеш што е полошо, да се вариш или да ја трпиш таа неподнослива реа на мувла, скапано, смрдеа поради никогаш неисчистените филтри.

Не застануваат на сите постројки. Понекогаш шибаат толку брзо што ќе ја пропуштиш станицата за симнување или воопшто нема да успееш да се качиш. Ќе те избањаат со вода кога врне дожд. Контролорите се некултурни и агресивно настроени речиси секогаш и дополнително ја вжештуваат тензијата кога автобусот доволно врие, од гужва, од толку многу патници поради кои ќе ти се одмилат луѓе засекогаш. Сите напикани едни во други, буквално им го чувствуваш здивот во лицето и можеш да процениш кога последен пат се избањале.

Знаете ли кое е чувството во овие моменти? Како да си стока. Ете баш така, погрден, неубав збор што во целост ја опишува ситуацијата. Се возам во градски автобус и се чувствувам како стока. Плаќаш нималку евтин билет за нашиот стандард, а добиваш мизерна, понижувачка услуга.

Кутрите жители на Аеродром и Ново Лисиче. Конкретно, кај мостот „Близнак“ е отворена една дупка на која очигледно не работи никој со месеци, ама ете така си зјае, а тој дел од раскрсницата е блокиран којзнае колку време. Автоматски автобусите со бр. 3 и 23 не вртат од таму.

Тоа значи дека од последната станица во Ново Лисиче во моментов функционираат само две автобуски линии кои поминуваат низ центарот на Скопје, 5 и 15.

Еве ја смешката. Третиот, 15а, замислете, по барање на граѓаните (по барање на кои граѓани ве молам?!) не поминува веќе низ центарот на градот туку кружи од кај Бит Пазар.

Дали знаете колку многу згради се изградија и колку многу луѓе се доселија во последните години во овие 2 населби? Дали сте свесни дека сите тие граѓани ги имате оставено на 2 автобуси кои поминуваат низ центарот на градот и дека истите се преполни уште на првата станица? Како да се качат во автобус луѓето што живеат на петтата, седмата, десеттата станица од точката на тргнување?

Сигурна сум дека сите други населби, градски и приградски, го имаат истиот овој проблем.

Бројот на автобусите е намален, бројот на возачите е намален. Речиси сите автобуси од возниот парк ви се канти кој одвај функционираат. До кога ќе се вадиме на фамозните „нови“ автобуси кои наскоро ќе наполнат 7 години?

Освен за нивната исправност можеме да позборуваме и за нефункционалноста, нехигиената, фактот што ги облепувате со реклами, а не ви текнува да ги исчистите никогаш, па со gps треба да видиш до каде си за да се симнеш, затоа што од стаклото секако нема да видиш.

Додадете го доцнењето, гужвата и уште еден куп други недостатоци на овој јавен сообраќаен превоз кој е пред колапс, којшто се обидува да опслужи град 6 пати поголем од неговите реални капацитети.

Со кои автобуси и услови би требало да го користиме јавниот сообраќаен превоз повеќе? Навистина сакам да знам.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
За жените по 40-тата животот допрва почнува! По 40-тата, жените престануваат да бројат калории. Затоа што љубовта, интересот,...
„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...
Кога стана толку безобразно скапо да се излезе на „пијачка“ во Скопје? Јас сум од времето кога џин-тоник беше 60 денари, шише пиво се продаваше за 50, ...
Кога си го возам бебето во количка низ Скопје ми требаат „супер моќи“ Постојано се качувам и симнувам од тротоар поради паркирани автомобили, правам р...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg