Работи што сакам да ги прашам луѓето што стануваат уште пред да слета авионот
А, авионот уште нема ни застанато. Не, не, не – уште свети и знакот за задолжително врзан појас. Они веќе се имаат спакувано, ги имаат извадено куферите од горе, се имаат облечено во јакни, веќе се потат.
Се гураат и чукаат едни во други. „Мајка со деца?“ – ма има да чека сите да излезат, па она последна. Освен ако не се потруди да ги избутка сите пред неа со 3 куфери во рака, торба и две деца кои плачат во гужвата.
Стјуардесите за греота упорно се обидуваат да ги седнат „Ве молиме останете на вашите седишта и врзани со појаси сè додека не биде изгасен моторот на авионот и не се отворат вратите“.
За момент ќе си речеш некој може и ќе ги послуша.
Секогаш сакам да седам и да ги гледам баш „кој ќе победи и излезе прв“. Па си мислам:
1. Каде одите? Освен ако не треба да фатите следен авион (оправдано), но и така нема да стигнете побрзо ако стоите тука.
2. Нели ви е јасно дека сите одиме на исто место од тука?
3. И дека авионов уште не е застанат и вратите не се отворени?
4. И дека со оглед на тоа што вратите се затворени, вашето стоење на патеката во авионот не прави ништо освен гужва?
5. Зошто не се воздржите уште некоја минута и земете здив? Што не си ги средите џебовите, спастрете го ѓубрето кое останало околу вас и трпеливо почекајте уште некоја минута?
6. Нели можете пример да си најдете мрежа на телефонот и да пишете дека сте слетале на вашите дома? Или ова може и стоејќи.
7. Или да си ја дочитате книгата која можеби ја читавте по пат?
8. Дали сте во роднинска врска можеби со луѓето кои исто така даваат аплауз кога ќе слета авионот?
9. Дали ви е јасно дека моментално задникот ви е кај мене во фаца?
10. И дали мислите дека ми е задоволство да имам ваква слика пред очи?
11. Не ви е срам нели?
12. Можеби си мислите дека пилотите ќе си речат „Еј овој прв стана“?
13. Или можеби ви се оди во тоалет?
14. Ама зошто не отидовте пред да слета авионот?
15. Свесни ли сте дека сега сите луѓе треба да седат подолго затоа што вие решивте да стоите и да правите ред на чекање?
16. И дека „луѓето околу вас“ всушност сум и јас?
17. Фетиш ли ви е да го правите ова?
18. Знаете ли дека постои некаков ред на станување и излегување од авионот?
19. Се избуткавте први нели?
20. И што ако ви го нема багажот на крај?
21. Знаете дека ги вадите од такт стјуардесите, нели?
22. А ако сум побрза сепак и стигнам пред вас на пасошко?
Стигнав дома и си легнав. И ве мислам.
Стигнавте ли побрзо каде што треба и дали ви смени нешто тоа што стоевте среде авион 15 минути?
Е. П. | Црнобело