Работниците се освестија, не сакаат да мизеруваат за ниски плати и да се пензионираат со 150 евра
Кој сака да работи за 250 евра месечно и притоа да му ги бакнува чевлите на шефот за таа огромна привилегија што му дал работа во вакво „време-невреме“?
Шефовите кај нас забораваат дека платата што ни ја даваат е чесно заработена па ја доживуваат како подарок за кој треба да бидеме вечно благодарни. Тоа е проста размена на услуги, што побрзо го сфатиме тоа ќе биде подобро и полесно за сите, особено за модерните робовладетели.
Кој сака да работи на делник и на празник, особено кога дневницата останува иста? Кога се премижува за изработените прекувремени часови кои спаѓаат во твоите „редовни работни обврски“, кога ноќната смена се третира исто како и дневната?
Во овој празничен период кога сите сакаат да бидат покрај своите најблиски, некој ќе мора буквално да ’рмба и саботи и недели и притоа да не му се исплати ни денар повеќе. Сериозно сакам да знам колку вакви луѓе мислите дека останаа во Македонија?
Па сега сите глумиме изненадени како толку луѓе се раселија низ светот и зошто Германија ни се намерачила да ни ги украде најдобрите работници од сите можни профили и професии.
Од стручни и научни, до општи работници. Сами се доведовме до ова дереџе кога не си го цениме својот работник. И веќе ги чувствуваме последиците. Одвај наоѓаш добар електричар, плочкар, водоводџија. Добрите доктори се бројат на прсти. Нема квалитетни професори, ретки се градежниците кои работат професионално и со усул.
Не останаа добри, вредни работници. А вистинската катастрофа ќе настане по неколку години кога навистина нема да остане никој. Ќе станеме држава на духови во која ќе молиш некој да ти изврши рутински преглед и да ти постави точна дијагноза. Затоа што таков – ќе нема.
А што точно мислевме сите? Дека луѓето ќе работат до изнемоштување за мизерни, понижувачки плати до крајот на животот? И доколку воопшто стигнат до правото на остварување пензија ќе се задоволат со 10.000 денари месечно? Тоа ли е наградата за целокупниот животен труд? Мала, недостоинствена сума која те тера последните златни години од животот да ги доживееш во беда и уште поголема сиромаштија.
Да ја заобиколиш целата населба затоа што производот што го бараш е поевтин за 4 денари во продавницата на другиот крај од твојот дом. Да не ти остане ништо за себеси, а камо ли да ги израдуваш внуците со нешто ситно… тежок, мачен, недостоинствен живот.
Па после се чудиме кај заминаа луѓето, зошто заминаа, ех никаде не е како дома мили мои. Навистина никаде не е како дома. Особено доколку таа ДОМА те третира како туѓинец, како граѓанин од последен ред и не направила апсолутно ништо да те задржи во неа.
Ова е само почеток на крајот. И навистина не треба да нè изненадува повеќе ништо.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело