Писмо до секоја млада девојка

Еј, девојко, ти, да, баш ти, ти пишувам за да ти го разубавам денот, ти пишувам за да знаеш дека си поубава од тоа што мислиш дека си, ти пишувам за да те потсетам да го почитуваш секој момент од твојот живот и да ти кажам никогаш да не брзаш низ истиот.

pismo-do-sekoja-mlada-devojka-01.jpg

Ти пишувам за да ги заборавиш сите тешки збогувања кои си ги имала и сите пријателства кои си била присилена да ги раскинеш и оставиш да се „распаднат“, само затоа што не си сакала да молиш некој за неговото време и внимание. И во право си била. Добро си постапила. Цени се. Знај си ја вредноста. Затоа што ти си единствената личност на која ќе можеш да се потпреш цел живот и никогаш да не бидеш изневерена.

Ти пишувам за да ги заборавиш сите кои се далеку од тебе и кои знаеш дека никогаш нема да се вратат затоа што те напуштиле, те напуштиле без око да им „трепне“, па затоа не се грижи, не губиш ти, губат тие.  Да, ти ја знам маката, знам низ што поминуваш и знам дека ти е тешко, но остави се, ослободи ги јадовите кои те мачат внатрешно во душата, затоа што знај дека никој никого не го остава доколку му значи.

Ти пишувам за оние блиските кои ти недостасуваат и секој пат кога ќе ти текне на нив ти застанува кнедла во грлото. Кнедла полна горчина. Кнедла која не сака и не сака да отиде надолу низ голтникот. Стои и те гуши. Јави им се ако навистина толку ти значат, кажи им дека ти фалат, кажи им дека не можеш без нив, кажи им дека ти недостасува нивната прегратка, кажи им дека ги сакаш.

Ти пишувам за да потсетам на оној пат кога имаше голема прилика и можност да се „издигнеш“, но ти не ја прифати. Не ја прифати затоа што дозволи да те надвладее стравот дека нема да успееш и дека ќе бидеш критикувана од страна на другите. Си дозволи да си ги прегазиш твоите соништа, само заради некои обични и безначајни луѓе кои знаат само да критикуваат без да сфатат дека критикувајќи и потсмевајќи им се на другите тие создаваат слика за самите себе. Не можат да сфатат дека ако некого го „повлечат“ надолу, нема тоа да им помогне за да се „издигнат“ самите.

Ти пишувам за да бидеш многу похрабра кога нареден пат ќе ти застане ваква прилика на патот. Грабај ја девојко. Грабај ја со двете раце и не ја испуштај. Не дозволувај стравот да ти ги парализира коските, спротивстави му се, кажи му дека ти си посилна од него и дека тој не може да те надвладее.

Ти пишувам за да те потсетам да продолжиш да љубиш и да имаш верба. Без разлика на тоа колку парчиња од срцето ти земале и не ти ги вратиле, те натерале да се покаеш што си толку добра и наивна, те натерале да не веруваш никогаш повторно во љубов. Ама јас ќе ти кажам-верувај. Верувај девојко, не вреди за безначајни личности да го изгубиш сјајот во твоите очи и да бидеш исплашена да сакаш. Никој ја нема таа моќ и сила. Никој не е достоен за да ти одземе такво чувство.

Ти пишувам за да те охрабрам за секоја наредна битка што ќе треба да ја водиш, да ти кажам да ја водиш грациозно со главата високо горе. Ти пишувам за да те потсетам дека секоја  духовна болка што ќе ја почувствуваш, ќе те направи само подобра личност, ќе ти даде простор да созрееш, да бидеш уште подобра личност.

Ти пишувам за да веруваш во магија, во љубов и во моќта на твоите соништа, да веруваш во себе. Затоа што самата ти по себе носиш некоја магија и енергија која само ти ја поседуваш.

Ти пишувам за да ти кажам дека сѐ што си преживеала било со причина и немој да се каеш за ниту еден момент од твојот живот. Без разлика на тоа дали тој момент бил „најгорчливиот“ или „најубавиот“.

Ти пишувам за секоја „убава“ и „лоша“ работа, секој планина што си требала да ја искачиш, за секоја провалија во која си се стркалала, за сите чувства што некогаш си ги сокрила и потиснала во себе и сите лажни насмевки што си ги подарила само за да усреќиш некого.

Ти пишувам за твојот обичен, а толку посебен живот. Само еден и уникатен на цел свет. Ти пишувам за да се прифатиш токму онаква каква што си ти. Пишувам за сите девојки, за да ве потсетам дека животот е виножито од емоции и шаренило од успеси и падови.

Да ви кажам дека животот не е совршена права линија. Животот е крива, крива грда линија полна со високи планини и провалии. Но, сакам да знаеш, сакам да ти кажам дека ти, баш ти, ти што го читаш ова, ти го даваш најдоброто од себе.

Не биди премногу самокритична, тоа ќе те убие. Живеј. Живеј го моментот. Уживај. Смеј се. Плачи. Викај од гнев. Скокај од радост. Но, никогаш, никогаш, немој да дозволиш некој да те прегази и да ти каже дека не си вредна и дека не можеш да направиш нешто.

Т. Ѓ. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg