Земи си маж со силна психа - лоши денови ќе дојдат
Земи си маж со силна психа затоа што животот нема да биде само рози,
Порано или подоцна ќе дојдат лоши денови,
Работите ќе тргнат таму каде што не треба,
Ќе дојдат болести, земјотреси, нервози, кредити, проблеми со деца,
И кога нешто мрачно ќе дојде на вашата врата, сакала или не, ќе мора да отвориш,
И единственото нешто што малку ќе ти го смири тресењето на колениците и ќе го засили твојот капацитет за справување со неволји, ќе биде мажот со силна психа што го имаш до себе.
Ако некогаш добро си бирала, сега ќе си благодариш себеси што не зема некој од тие плачковците што се рушеа дури и ако на косо ги погледнеш,
Сега ќе требаше нив да ги тешиш, наместо тие елан да ти даваа да се справуваш со мрачната страна на животот,
Додека страдаш нив ќе требаше солзи да им бришеш, наместо потпора да ти се.
Ако добро бираше и зема маж со силна психа, сега тој ќе знае да те насмее среде проблемите,
Ќе се носи со нив како титан и ќе остане смирен дури и кога три торнада разнесуваат сѐ околу вас,
Ќе ти дише во врат кога најслаба ќе те почувствува и ќе биде на помалку од половина метар од тебе во миговите кои за тебе живот значат,
Ќе знае како да ја задржи стабилноста во вашето секојдневие, дури и кога сѐ е изместено од колосек...
И толку многу ќе верува во мислата дека „Сѐ ќе биде добро“ што ќе успее да направи и ти да поверуваш во истата,
Ќе знае кога ти треба само цврста прегратка и молк и ќе памети дека не мислиш навистина сѐ што ќе кажеш во афект,
Ќе се стави себеси во втор план за да ги смири твоите бури,
Ќе те штити од самата себе и од светот,
Ќе ти покажува со дела дека те сака во миговите кога само љубовта може да те излекува.
Ќе ти вели „Ти можеш“ и во гласот ќе му чувствуваш дека е сигурен во тоа.
Ќе гледаш дека животот те крши, но ќе те теши мислата дека заедно сте посилни, дека не можете да бидете скршени.
И навечер кога ќе помислиш дека и покрај сѐ вие всушност сте среќни, ќе му благодариш на Бог што зема маж со силна психа.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело