Мојата другарка си заминува од Македонија, се надевам ќе ги спакува спомените од времето во кое немавме ништо, а како да имавме сè
Мојата другарка од основно училиште објави слика од зградата во којашто живееше порано. Јас живеев во зградата веднаш спроти нејзината.
Мора да сфатите дека јас бев новото учениче во можеби најлудата година од основното училиште – последното осмо одделение (тогаш тоа беше последно одделение, да) и само неколкумина ми пружија рака за добре дојде, меѓу кои и другарка ми.
Ние едноставно знаевме да се дружиме. Бевме лишени од многу работи, од модерна технологија, од социјални мрежи, од телефони и компјутери. Нашата опсесија која е еднаква на денешната со телефонот беа ролерите кои ги тркалавме на асфалтот на игралиштето веднаш до нашите згради.
Нашата забава се состоеше од гласно пеење на најновите поп хитови. Нашето време подразбираше смоки и сокчиња, чоко-бисквити и чипсови купени со сите заеднички собрани пари. Нашето детство го пролонгиравме најмногу што можевме – многу симпатии и малку несмасно украдени бакнежи.
Ние долго време останавме деца. Мислам дека во голем дел од нас сè уште живее детето кое некако е збунето од сето лудило на денешницата. Да, ние имавме кадифени играчки на креветите, постери од списанија за кои долго штедевме пари, гледање филмови во огромно друштво на видео касети, снимање на омилената песна која ќе ја чекаш половина ден на радио на аудио касета.
Не поседувавме ништо скапо. Немавме поим што е тоа мода или тренд. Носевме „машка“ облека од постарите браќа и никому ништо. Не се занимававме со тој кој колку има и кои се неговите родители. Од дома нè учеа сите да се дружиме и никако да не се делиме. Парите не нè импресионираа, тие практично не ни значеа ништо. Автобускиот билет чинеше 15 денари, а најголемиот „проблем“ беше да се има партнер до себе за да се влезе во Мусандра на лудата журка што траеше до минутка пред полноќ.
Другарка ми објави слика од старата зграда. Станот во којшто живее одамна го продадоа. И јас се преселив од таму на друго место. И годините поминаа. Ние сме денес возрасни, имаме свои семејства. Велат дека не е убаво да се живее во минатото затоа што ја расипува сегашноста и идниот миг, но ниту една од нас не сака да ги избрише спомените од нашето детство, од нашата стара населба.
Ние сме заробеници на спомените од минатото. Денешните психолози ќе ви кажат дека тоа не е особено здраво. Радо би си се сеќавала на најубавите спомени од минатото со насмевка, отколку да ги анализирам денешните случувања кои ми создаваат горчина.
Се потсетувам на нашите другарски времиња секојдневно. Толку ми недостасуваат, до болка. Не знам каде ми бил паметот кога сум сакала да пораснам. Да бидам возрасна, да одам на работа. Па каде си брзала будалеста главо?
Мојата другарка наскоро ќе се отсели од Македонија. Ми пиша веднаш откако ѝ оставив коментар под фотографијата со нејзината стара зграда. И моето срце се скрши. Сите сакани луѓе си заминуваат оттука. И сосема ги сфаќам зошто го прават тоа.
Но, она што морам да го признаам е колку тие луѓе (ќе) ми недостасуваат. И колку ние ќе им недостасуваме ним. И каков е овој живот исполнет со толку тага, толку заминувања, толку збогувања?
Какво е ова време, какви се овие луѓе на денешницата? Кој е овој град, во што се претвори? Колку многу ме растажува фактот што лошите услови за живеење во државата која ја нарекуваме дом ги разделуваат луѓето засекогаш…
Тоа е толкава штета што речиси и не се простува. Ти се разделуваш од најблиските – од брат ти, од сестра ти, од децата… од најдобрите пријатели, од другарите од училишните клупи. Од најдобрата другарка од старата населба.
Сите некаде заминуваат. Наскоро можеби ќе заминеш и ти. Но, каде и да завршиш, добро е со себе да ги носиш своите спомени.
Спомените на едно поинакво време од минатото. Спомените од нашето време. Едно едноставно, просто време во кое немаше ништо особено, а сè беше некако посебно. Немавме речиси ништо, а како да имавме сè.
Каде и да одиш најмила, се надевам дека ќе си ја пронајдеш среќата. И дека во себе ги чуваш спомените што ти го топлат срцето исто како што тоа го прават во моето.
*За Вики.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело