Пријателствата, љубовта и чевлите - не се поправаат
Да можам сега да те видам, би ти кажала многу нешта. Да знам дека нема нервозно да ги превртиш очите, да одмавнеш со главата и сеедно да ги правиш работите по свое, би ти кажала...
Би ти кажала да се смееш повеќе, а помалку да плачеш.
Помалку да трпиш.
Помалку да се мрштиш, бидејќи од тоа подоцна во животот ќе се создадат брчки и ќе те потсетуваат на сите работи кои си решила да ги проголташ.
Да можам да те видам сега и да можеме да разговараме како некогаш, би ти рекла – немој. Немој ништо што не сакаш. Немој ништо што мораш. Немој ништо што не е убаво. Немој да бираш грозни работи за себе.
Би ти рекла – трчај! Не се врти назад.
Би ти рекла слушај го она што ти зборува во тебе, оној тивок глас однатре.
Би ти рекла дека си заслужила повеќе. И дека ти треба подобро.
Би ти рекла – пушти. Немој. Не поправај.
Ниту пријателства, ниту љубов, ниту чевли.
Не го врти другиот образ.
Не простувај толку.
Не се разранувај.
Немој да се извинуваш за она што го чувствуваш. Што плачеш. Што си слаба.
Не се извинувај за она што не можеш.
Не се напрегај до граница на издржливост.
Не мораше сè сама. Не форсирај.
Не барај оправдувања за туѓата грубост.
Не барај некој кој ќе те сака за да ти даде смисла. Биди своја смисла.
Не се чувствувај лошо затоа што нешто не било добро. Никогаш.
Не дозволувај другите да ти ја диктираат вредноста. И чесноста.
Не дозволувај другите да ти ги бројат бакнежите и прегратките.
Сакај кога ти се сака и сакај ги оние со кои се чувствуваш подобро. Макар на еден ден или пет.
Немој никогаш да се смалуваш за на некој друг да му бидеш таман.
Биди паметна.
Биди храбра.
Поодлучна.
Не мораш во сè да гледаш поента.
Не се плаши од темницата.
Не се плаши од својата темница, бидејќи во тебе се крие и светлина.
Да можам да те видам, би ти рекла да не заборавиш што си и што сè можеш да бидеш.
Би ти рекла подобро да ги бираш пријателите. А, некои и подобро да ги чуваш.
Би ти рекла не трпи сè и секого.
Немаш долг кон никој. И не си ничија сопственост.
Би ти рекла да го живееш животот поопуштено. Да не се вклопуваш онаму каде што не сакаш да бидеш.
Да не ги затрупуваш емоциите во себе.
Помалку да пушиш.
Да не се менуваш за никого.
Дека и оние најблиските немаат право да го бараат тоа од тебе.
Би ти рекла малку повеќе да живееш како што сакаш, а малку помалку како што си навикнала низ годините.