Одбирам да не бидам домаќинка и не се срамам од тоа

Не сакам да бидам домаќинка! Не гледам ништо величествено во положбата на жртва, ништо афирмативно во изигрување на слугинка низ дома, па колку тоа и да се правдало со љубов кон семејството.

odbiram-da-ne-bidam-domakjinka-i-ne-se-srama-od-toa-001.jpg

Не сакам да се фалам со кифлички полнети со домашен џем, лосос во сос од не знам си што, со солени торти на 3 ката и да величам со нереални размери дека токму тоа треба да ѝ е нормално на секоја жена.

Готвиш - јадеш. Ништо попросто.

Не сум домаќинка, но моите деца ги имаат сите три оброци во денот, двете ужини, десертите и овошните салати, исто како и децата на гордите домаќинки.

Сопругот ми е чист и испеглан, куќата ми е чиста, облеката ми е испрана.

Не гледам ништо што е возвишено вредно за фалење. Тоа е нормално.

Не сум домаќинка бидејќи имам знаење, волја, амбиција и храброст да бидам и атрактивна жена, успешна на работното место за кое се школував, социјално активна, боем во кафана, пристојна на улица, пријател на пријателите, ноќна мора на луѓето што везден нешто мудруваат.

Не сакам да бидам домаќинка и да им давам пример на синовите како жената треба да ја третираат како слугинка, а таа да ужива во тоа и тоа да ѝ е единствената улога во животот – бидејќи не ѝ е!

Не им давам пример за животот да ми биде како мојата баба, бидејќи баба ми се борела за мојот живот да не биде како нејзиниот.

„Убаво е да бидеш домаќинка, секогаш со своите деца, со својот сопруг, со своите теписи, завеси, тегли и тенџериња.“

Ете го најдобриот начин да им досадиш на децата и сопругот и на крајот да не станеш ништо поинаква од сите тие тегли чија содржина со сласт ќе се изеде, а теглата, празна, останува на полица.

Подраго ми е моето трчање од работа до училиште, од училиште до маркет, па од маркет дома. Подраги ми се подочниците од недостаток на сон, мојот постојано вклучен мозок, гордоста и довербата на моите деца, како и проголтаните солзи од среќа, кога ќе слушнам како велат: „И јас ќе правам вака, како мама.“

И ве молам, не ја мешајте љубовта и посветеноста со терминот домаќинка.

Покажи дека освен во кујната можеш да „светнеш“ и на работа, и на излегување и во друштво. Да имаш да кажеш нешто друго освен: „Ручееееек!“

Заработи го својот денар, колку мизерен и да е, па да ти симнам капа! Онака, домаќински!

Спреми се, среди се, дотерај се и излези надвор!

Не е страшно ако понекогаш ручекот не е спремен, има и брзински оброци. Нема светот да прекине да се врти ако садовите не се измиени за два часа. Нема на никој ништо да му фали ако домот ти личи на игротека, а ти решиш да седнеш и да испиеш кафе, да одгледаш серија, да отспиеш малку, па други тогаш да се фрлиш на домашните работи.

А, не би било и крај на светот да ги распоредиш обврските на сите членови во семејството. Ем од нив правиш луѓе, ем во себе не го убиваш човекот.

Ете, јас ниту сакам да бидам домаќинка, ниту се срамам од тоа, ниту пак сметам дека „домаќинка“ значи некаква пофалба за жената.

Можеби потсвесниот страв од животот и верувањето во заблудата дека сте столб на куќата ве прават „домаќинка.“

Но, не сум видела ниту една куќа да опстои, ако се потпира само на еден столб.

Извор

Би можело да ве интересира:

Кога сакам да не се нервирам, си велам „Ало, не е на татко ти“ Кога ќе видам како некој корне цвеќе од жардиниерата кај мостот „Гоце Делчев“ ил...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Емотивно писмо до сите што ги загубиле родителите: „Зборувајте за оние што заминале, така тие ќе жив... Во првите денови по загубата, се чини дека солзите никогаш нема да преисушат, а ...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg