Писмо до мојата мајка-херој, кое никогаш нема да го прочита...
Во животот ќе согледаш многу успеси и падови. Постарите велат дека после дождот доаѓа сонцето.
Бев одгледана како принцеза, која што и да посака ќе ѝ биде дадено... Но едно студено декемвриско утро, сурово ми го смени животот - ми ја одзема мојата кралица, мојата мајка.
Мислев дека е само кошмар кој ќе заврши веднаш штом ги отворам очите. Кога ќе се разбудам ќе биде покрај мене милувајќи ја мојата коса и говорејќи дека засекогаш ќе биде покрај мене.
Но сето тоа е само огромна лага, нејзиниот ангелски лик замина на небото, замина во рајот.
Ангелу мој пред сè сакам да ти кажам благодарам затоа што ме донесе на овој свет, затоа што ме порасна во принцеза која ја научи како да се бори, ја направи силна и моќна...
Гледав како се бориш како лавица за нас, како ја криеш твојата болка, како скришно ги испушташ твоите солзи кои премногу ме болеа, затоа што бев немоќна да ти помогнам.
Мамо, благодарејќи на тебе твојата мала принцеза порасна. Станав иста како тебе - силна, страсна, љубезна и великодушна жена.
Премногу ме боли секоја секунда помината без тебе. Се прашувам дали јас заслужив да те изгубам, да ја изгубам твојата топлина која секогаш ми даваше сила, твојата прегратка во која секогаш ја чувствував твојата заштита, твоето рамо кое секогаш ми беше потпора за плачење. Ниту еден човек на овој свет не може да те замени.
Мамо знај дека нашата љубов никогаш нема да згасне. Ти си мојата ѕвезда која никогаш нема да згасне на небото и секогаш кога и да погледнам нагоре ти ми даваш сила. Ти си најголемиот борец што го познавам, жена од која секој човек треба да учи.
Човек полн со разбирање, полна со љубов и жртва за своето семејство.
Ти благодарам за сè кралице моја. Те сакам....
А. В. | Црнобело