Носталгични спомени од детството кои ќе им ги стоплат срцата на генерациите од ’90-ите
Секој период од животот носи свои убавини и предности. Со самото растење и созревање се соочуваме со реалноста, која пак со цел да нè зајакне ни доделува разни одговорности и искушенија.
Ретко кој од нас не би посакал на момент да побегне од сегашноста, да ги затвори очите и да се врати во својата младост.
Да се биде повторно дете! Ах, тоа чувство на слобода и безгрижност, пеперутки во стомакот, авантури коишто никогаш не изгледаат недостижни. А брзавме да пораснеме...
За жал, никој од нас ја нема таа привилегија да патува низ времето, затоа во продолжение наведуваме 13 факти и фотографии коишто во вас ќе го разбудат „детето од деведесеттите“.
Подгответе се за петминутна, носталгична насмевка:
1. Наш свет
По извонредните темели на раното детство „Другарче“ и „Развигор“ следуваа незаборавните страници на „Наш свет“.
Неделни забавни рубрики кои со нетрпение ги исчекуваше секој тинејџер, особено поради неделниот хороскоп и разновидните постери коишто подоцна ги исполнуваа ѕидовите од детските соби.
2. Монопол и не лути се човече
Овие динамични друштвени игри се иницијатори на првите слатки кавги за доминација.
Купување и хипотеки на разни држави, градови и територии го карактеризираа монополот, а особена возбуда и среќа претставуваа картичките „изненадување“.
Иако втората игра вели да ја оставиме лутината на страна, резултатот беше секогаш спротивен.
3. Лексикон
Најголемата радост на сите девојчиња, а воедно и тетратка која ги криеше најголемите тајни за сите поголеми и помали симпатии, разни неволји и слатки озборувања.
Право на преглед, се разбира имаа само најдобрите другарки, а понекогаш привилегија во него да се потпише имаше и некое момче.
„Државните тајни“ коишто во себе ги носеше овој лексикон, по никоја цена не смееа да завршат во рацете на симпатијата.
4. Млади бунтовници
Серијата којашто остави најголем печат врз младоста на децата од '90-тите и на којашто никој не останал рамнодушен.
Младите Миа, Мануел, Пабло и Марица беа ликови кои со години се појавуваа на малите екрани и со коишто секој се поистоветувал. Разни албуми со нивни сликички, постери и CD-иња беа нешто кое секоја млада личност од тие времиња мора да го поседува.
Да не ги заборавиме и познатите хитови: „Bonita de Mas“, „Sera de Dios“, „Sera Porque Te Quiero“ и многу други, кои и ден денес знаат да се потпевнат.
5. Љубовно шише
Несомнено станува збор за играта поради којашто се случиле многуте таканаречени први бакнежи.
Забава, детска невиност и срамежливост, како и откривање на првите симпатии се нејзините вистинските отсликувачи, а оваа игра најчесто се играше на роденденските прослави.
6. Ретро мобилни телефони
Ерата на пишување пораки, ставање на кредит и титкање пред спиење.
Време во коешто не постоеа „смарт“ телефони, Фејсбук, Инстаграм, ниту пак било која од апликациите со кои се служиме денес.
Како еден од најдобрите телефони во друштвото се сметаше оној кој има Bluetooth и Infrared.
7. Изи Мизија
Телевизиска игра, во која преку стискање на броевите 4 и 6 на телефонот, тајниот агент Изи треба да ја спаси саканата Лора.
Секојдневно вртење на повикувачкиот број, со надеж дека овој пат токму ти ќе бидеш тој што ќе ги размрда прстите и ќе покаже како се игра.