12 години од последното ѕвездено небо на нашата најсветла ѕвезда Тоше Проески
5 октомври, 2007 година. Последниот концерт на Тоше Проески на Градскиот стадион во Скопје.
Неверојатна енергија, нетрпеливата публика во огромен број го очекува својот музички миленик. Тука не е важен социјалниот статус, националната или верската определба. Толку е едноставно – сите го сакаме Тоше и Тоше нè сака сите.
Неговиот глас ги обојува добро препознатливите хитови кои публиката ги пее со него од првиот до последниот збор, во ист глас. Ние сме хорот на Тоше. На неколку часа, тој прави да заборавиме на сета болка, сета суровост на светот во којшто живееме.
Тоше беше вонсериски. И тоа е вистината. Никој како него пред него, никој после него. Поседуваше неоспорен талент, глас кој може да ви ја допре душата. Но, она што го направи ѕвезда не е само гласот. Шармот, харизмата, а пред сè неговото добро срце, неговата човечност, неговата несебичност се квалитетите што го издвојуваа Тоше од толпата безлични пејачи.
Човекот што не ги броеше минутите на сцената со цел поскоро да се симне од неа. Човекот кој уживаше додека пееше за обожавателите. Човекот кој донираше и им помагаше на помалку среќните, најчесто без да се спомене неговото име. Човекот кој не калкулираше со настапи, со тезги, кој остана доследен на ветување дека нема никогаш да запее за ниту една политичка партија.
12 години од мигот кога за последен пат го слушнавме неговиот глас. 12 години непребол. 12 години без ѕвезденото небо и нашата најсјајна ѕвезда.
Тоше им припаѓа на сите добри луѓе. Тој е за сите времиња. Тој е бесмртен. Живее онаму каде што сакаше отсекогаш да биде – во срцата на луѓето.
(О)Милена | Црнобело