Мамо, не сакам да учам, сакам да бидам инфлуенсер! Тато, купи ми 5.000 следбеници на Инстаграм!

Последниве неколку години сме преплавени од YouTube канали, каде што најактивни се младите луѓе (во просек од 15-35 години), коишто имаат профили и ја градат својата „кариера“ преку видеа исполнети со најразлични содржини.

Ne-sakam-da-ucam-sakam-da-bidam-influenser-01.jpg

Пред неколку години заминав на патување и во автобусот се возеше тогаш 15-годишно девојче од Србија со нејзината мајка. Девојката се претстави како пејачка, блогерка и „инфлуенсерка“ (влијателна личност).

Последниот збор ми беше страшно интересен и смешен истовремено. Што „инфлуенсира“ девојче од 15 години? Кому влијае со својата појава? Какво влијание може да има девојче кое штотуку започнало со средното образование, иако според изгледот може да ја помешате со 25-годишна девојка?

Наскоро ми се разјаснија сите овие прашања. Девојката има YouTube канал, а содржината генерално се однесува на совети за шминкање, убавина, будалаштини од типот: што има во мојата торба и мојата утринска рутина.

Над 100.000 луѓе ја следат оваа девојка, будно заинтересирани каде точно ги купила последните чевли и каква маскара користи. Бидејќи без тие две информации животот апсолутно не ви вреди ништо.

Девојката, како и многу други, нема никаква желба да го продолжи образованието после завршувањето на средното училиште. За неа тоа е губење време и пари.

По теркот на овој влијателен лик и уште многу други, трендот дојде и во Македонија. И нашите млади луѓе се споулавени да станат сите: блогери, влогери, „инфлуенсери“, јутјубери, популарни инстаграмџии… толку многу, што роденденските желби им ескалираат до: Купи ми тато 5.000 следбеници на Инстаграм!

Важи татино. Еве и професионална камера од 1200 евра, и спонзори ќе ти најде тато за почеток. Биди ми инфлуенсер, татино злато.

Морам да ве разочарам и да ви кажам дека живеете во некој лош филм и надреални бајки. Како прво, Македонија е мала држава, пазарот е премал и ние едноставно не сме тој тип на народ кој се воодушевува на сешто и секого.

На прсти се бројат сите „јутубери“ и „инфлуенсери“ кај нас што се навистина успешни во вистинската смисла на зборот и списокот веројатно ќе остане многу краток.

Но, погодете што? Дури и тие неколкумина не си рекле – ќе го баталам моето образование и моето напредување, бидејќи навистина ми е многу побитно да снимам видеа во следните 20 години. Бидејќи се свесни дека ова е ѕвездениот момент и тој нема да трае засекогаш. Сериозно мислите дека на 40 години истите тие ќе седнат пред камера и ќе се снимаат?

Второ, не секој е скроен да биде блогер, влогер и инфлуенсер. Треба да го имаш оној „икс“ фактор што не се опишува, да имаш харизма, да си шармантен и интересен, да имаш ѕвезда бре дете, што викаше баба ми. И да си паметен. Искрено сметам дека глупав и неписмен човек не може да опстои долго во оваа „професија“.

Најголемиот дел од вас не сте доволнo интересни и способни во реалниот живот, зошто мислите дека пред камера би било поинаку?

Трето, за да успеете, освен ако не сте најсмешните и најинтересните луѓе на светот, треба да нудите нешто позитивно, да давате корисни совети, да креирате, да создавате… многумина од тие инфлуенсери издаваат книги, имаат своја линија на шминки или парфеми, што е секако за аплауз.

Но, тие си ја сфаќаат работата мошне сериозно. Тоа за нив не е хоби, имаат цел тим што работи зад нив и никогаш не е толку розово како што изгледа на Инстаграм. Признаваат дека зад секоја фотка и видео стои макотрпно позирање, работа, неспиење.

Вие немате доблест да си ја средите собата во којашто спиете, не можете да стигнете навреме на училиште, се жалите на 3 писмени во неделата – ама ќе градите кариера на YouTube? Со која работна етика, дисциплина, со кои идеи, со кој памет ќе го реализирате сето тоа?

Не сакам да се дрзнам и да кажам - тоа не е професија. Модерното време и денешницата велат дека очигледно е. Тие што се успешни заработуваат добро, резултатите, бројките и нивниот стил на живот кажуваат доволно.

Но, тврдам дека тоа не е долгорочно решение и дека рокот на траење ќе му истече многу побрзо отколку вашето знаење и искуство, вашата вистинска професија.

Колку и да ви звучи наивно и будалесто, не си го занемарувајте образованието. Доколку сте вистински вредни, посветени и паметни, ќе успеете да направите вистинска разлика во светот.

Таа разлика, сепак, нема да ја направите преку видео со вашата дневна доза глупирање низ трговскиот центар.

P.S. Да, еден е PewDiePie. Ти не си PewDiePie.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Кога сакам да не се нервирам, си велам „Ало, не е на татко ти“ Кога ќе видам како некој корне цвеќе од жардиниерата кај мостот „Гоце Делчев“ ил...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Жено, твоето премалку за некого е премногу – цени си го животот! Ти не си свесна, но имаш сè. Имаш човек што те љуби. Имаш луѓе кои за тебе би го...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg