Ако денес е последниот ден од мојот живот…

Ако денес е последниот ден од мојот живот, сигурно нема да го поминам во кавги и расправии, без разлика дали се потребни или не. Нема да се расправам за битното и небитното, за она што сметам дека е правилно или погрешно. Едноставно е – немам време за сето тоа.

Ako-denes-e-posledniot-den-01.jpg

Денес е последниот ден од мојот живот. Морам да го искористам најдобро што можам.

Ќе им се насмевнувам на случајни минувачи. Ќе се обидам да им помогнам на соседите со тешките кеси доколку се најдам случајно во нивната близина.

Ќе станам рано, со желба да го видам изгрејсонцето. Ќе уживам во првото утринско кафе, ќе се обидам да го запаметам неговиот мирис и вкусот.

Знам што нема да направам – нема да оправам „криви дрини“. Нема да потрчам во продавница бидејќи има голем попуст, во обидот да купам купишта непотребни работи за кои немам доволно место и пари.

Но, она што го немам денес – е време. Немам повеќе време да го трошам на непотребни шопинзи, чекање пред гардероби, пробувања и туфкања и нервози зошто го нема моето бројче или парчето облека во омилената боја.

Ќе им се јавам на сите оние коишто ми значат. Доколку сум згрешила, ќе им побарам да ми простат. Ќе им простам и на сите оние коишто мене ми згрешиле.

Времето изминува брзо, секој час, секоја минута е скапоцена. Немам време за нервози, немам време за стрес и солзи и непотребни грижи.

Сигурно ќе сакам да каснам нешто убаво, сепак ова е мојот последен ден. Да се напијам и да наздравам со саканите.

Ќе сакам да ги гушнам и прегратката да трае што е можно подолго. Со себе да го понесам нивниот допир, нивниот мирис. Нивната љубов да се залепи за мене како некој отпечаток, со надеж дека и мојата ќе остане залепена за нив.

Ако денес е последниот ден од мојот живот, сакам да сум покрај најблиските. Сакам да се смеам, без ниту една грижа. Да не бројам пари, да не мислам на работата, воопшто да не ми падне на памет ништо од овие будалаштини.

Наместо тоа ќе сакам да со прошетам кучето, да го галам и играм до изморување. Да си поиграм со внуките, да се внесам во нивните детски игри како да е нешто најважно и најсериозно на светот.

Сакам уште еднаш да ги водам сите плитки и длабоки дискусии со моите најблиски. Сакам да се шегувам на своја сметка, без притоа да чувствувам срам или бес.

Не сакам да се грижам за мојот изглед, сакам срцето да ми биде полно. Сакам да си заминам со мислата дека сум направила нешто добро, макар ситно.

Сакам да сакам и да бидам сакана. И да знам дека некому ќе му недостигам кога ќе ме нема и ќе ме спомене, макар само во мислите.

И тоа ќе биде и повеќе од доволно.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Кога сакам да не се нервирам, си велам „Ало, не е на татко ти“ Кога ќе видам како некој корне цвеќе од жардиниерата кај мостот „Гоце Делчев“ ил...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Пајак за CRNOBELO лексикон: „Сакам да имам многу деца“ „Имам маче ангорче. Ѝ немаме дадено име, сите дома ја викаме Мац Мац ха, ха, ха“...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg