„Ние порано одевме пешки, не палевме автомобил за километар-два, не мудрувајте многу на темата екологија!“
На касата во супер маркетот, постара госпоѓа бара пластична кеса за да ги стави производите кои штотуку ги купила. Касиерката ѝ префрла дека пластичната кеса не е добра за употреба, бидејќи не е еколошка.
„Вашата генерација не го разбира еколошкото движење. Денес младите плаќаат за вашата генерација која ги уништи сите извори“, ѝ вели касиерката на постара госпоѓа која пазарува.
Госпоѓата љубезно и дофрла на касиерката: „Жал ми е, во моето време немаше никаков еколошки активизам“.
„Да“, одговара касиерката, вашата генерација воопшто не била загрижена за животната средина.
Иако малку вознемирена, госпоѓата започнува со објаснувањето:
Во моето време ги враќавме празните шишиња од млека, минерална вода, пиво и вино во продавниците, кои пак подоцна ги враќаа во фабриките, кои ги миеја и повторно во нив ставаа млеко, вода, вино, пиво. Шишињата се рециклираа, а ние немавме поим дека тоа е во духот на еколошкото движење.
Во моето време се качувавме по скали. Немаше ескалатори како денеска, а имаше и многу малку лифтови.
За релации од километар до два не ни текнуваше да го запалиме автомобилот, туку го земавме велосипедот или пак тргнувавме пешки. И повторно не знаевме дека тоа е во духот на еколошкото движење!
Не знаевме што се тоа пелени за една употреба: ги преперувавме пелените, а облеката ја сушевме на јаже растегнато помеѓу две стебла или куќи. Не знаевме дека постојат машини за сушење алишта од 3000 вати. Нашата облека ја сушеа сонцето и ветерот.
Ја крпевме и поправавме облеката која ја наследуваа децата едно од друго, немаше простор каде што истата може да се донира или пак препродаде.
Имавме само по едно радио или (евентуално) телевизор дома, а не во секоја соба по еден. Телевизорот имаше екран со големина како кутија за пица, а не екран голем колку Швајцарија.
Имавме часовници со рачно навивање, а во кујните сè работевме рачно, не како денешните производи и помагала кои трошат стрија повеќе отколку што електроцентралите можат да произведат.
Немавме електрични косилки за трева, старата добра коса која требаше рачно да се наостри сосема добро ја вршеше работата.
Работевме физичка работа и немавме потреба да одиме во теретани и фитнес центри за слабеење или пак да трчаме на лента која троши електрична енергија.
Имавме само еден фиксен телефон дома, а денес секоја во домот има по еден во својот џеб. Но, вистина е, немавме поим што значи тоа еколошко движење.
Пиевме вода од чешма или од цистерни, од рацете или пак од стаклена чаша, а не од пластични, флаширани шишиња чиј број е еднаков на милион.
Пишувавме со мастило и со него ги полневме и наливните пенкала, а не со хемиски пенкала кои се фрлаат после неколку неделна употреба.
Нашите мажи се бричеа со жилети коишто навистина траеја, а не со денешните бричеви кои се фрлаат после една употреба…
Но, навистина, немавме поим што значи тоа еколошки активизам.
Луѓето се возеа со автобуси, со возови, а децата одеа на училиште пешки или со велосипеди, не како денес, со автомобили и мама и тато кои глумат таксисти.
Имавме еден ранец во текот на целото школување, а не како денес, една година ранец со Мики Маус, другата со Пикачу, третата со Елса итн…
Со нашите учебници се служеше и втора, и трета и четврта генерација, а вие секоја година купувате нови, за коишто треба да се исечат шуми и шуми…
Според сето ова, немојте многу да мудрувате на темата екологија и вашата грижа за неа!