„Породилното го искористив за промена на кариерата“ – па каква мајка си ти, безобразна жено?!

Пред неколку денови на Фејсбук кружеше статија од компанија што го опишува искуството на една млада жена којашто решила за време на породилното отсуство да посети некоја од нивните обуки и курсеви и на тој начин на направи промена на професионалната кариера.

Kakva-majka-si-ti-bezobrazna-zeno-01.jpg

Мојата првична реакција беше – Браво, Алал нека ѝ е на женава, Каква храброст и посветеност. И искрено очекував дека стотината коментари подолу ќе продолжат во стилот на мојата реакција.

Но, за жал, не беше така. Дел од коментарите секако без позитивни, охрабрувачки, полни со честитки. Но, поголемиот дел беа осудувачки, преполни горчина, дури и злобни.

Луѓе коишто воопшто не ја познаваат таа жена се дрзнале да коментираат како таа е лоша мајка, на што личи тоа, породилното било да се ужива со бебето, а ваквите како неа го осудувале системот на пропаст. Што било следно – заради таквите како оваа жена ќе сме се довеле со дереџе како во САД, породилно од само неколку недели, како не ѝ е срам?

Ѝ направија цел психолошки профил на жената, пресметувајќи колку точно време изгубила за време на часовите, кроејќи туѓи математики, до анализата за бебето – со кого тоа седело и дали било соодветно згрижено?

Јас воопшто не ја познавам жената, но сум сигурна дека бебето не го оставила на улица, ниту само дома. Сигурна сум дека било одлично згрижено и воопшто не е истрауматизирано.

Она во што исто сум сигурна е дека кога се работи лично за вас секогаш се водите по максимата „Секој треба да си ја гледа својата работа“, ама кога станува збор за некој друг, тогаш одеднаш станувате експерти и имате мислење за сè! Бидејќи своето боли, ама по туѓото може да се удрат и 100 стапа или во случајот 100 безобразни, злобни коментари.

На таа жена веројатно сопругот си го преземал својот дел од обврските. Не е крај на светот ако таткото остане 2 часа неколку пати во неделата со бебето или уште не е пресечена папочната врвка, како што тоа се милува да се прави до кај 40-тата година на детето кај нас?

Можеби ѝ помагале бабите, можеби имала дадилка. Каков и да е случајот, жената размислувала далекусежно, а тоа е како да ја подобри сопствената иднина, а со тоа и иднината на своето бебе.

Не е само да се залепиш до него 24 часа во денот, опсипувајќи го со внимание и немајќи да му понудиш апсолутно ништо друго. Утре тоа бебе ќе порасне и вниманието и љубовта нема да го хранат, ниту да го облекуваат, ниту да го школуваат, ниту да му помогнат да мрдне од границите на државата.

Второ, колку и да ве боли, жената не е само сопруга и мајка. Верувале или не, имаме свои интереси кои одат подалеку од сопругот и децата. Знам дека главите ви експлодираат и баш ми е жал поради тоа, ама не треба да се лишиш од сопствениот успех и достигнувања во името на другите членови на семејството. Со мерка и усул, но не треба да заборавиш на себе, да се избришеш, едноставно да стагнираш и да не мрднеш подалеку од титулата мајка и нечија жена.

Ако породилното отсуство е период кога може да напредуваш на некое поле и условите ти го овозможуваат тоа, зошто да не се обидеш?

Многу ми е драго што оваа жена не ја запреле ограничени умови и простачки коментари од туѓинци кои апсолутно не ѝ значат ништо во животот, ниту ја познаваат. Ѝ се восхитувам на храброста и издржливоста и се надевам дека ќе ужива во изборот на својата нова кариера. И верувам дека тоа го направила поради грижата и љубовта кон своето семејство, а не поради некакви си себични причини, како што најчесто љубоморните се обидуваат да ги прикажат жените „кариеристки“, со доза скриен цинизам и отровна злоба во призвукот.

Воедно, посакувам и повеќе жени да се инспирираат и охрабрат да го направат она што го сакаат, во која и да било фаза од животот. Навистина простете што не сме сите излеани од истиот калап, залепени вечно до децата не давајќи им да дишат, што на крајот од нив правиме паразити и деца зависни од родителите за што и да било.

Некои се осудуваат да размислуваат поинаку и на крајот животот ги наградува поради тоа.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Кога мајка ми дојде на гости, ми ги зготви сите омилени јадења и домот ми беше беспрекорно чист“ „Си играше со моите деца, беше до продавница, го прошета кучето... Се прашувам з...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg