Македонија е синоним за пакување, заминување и никогаш да не се свртиш назад
„Уште ли сте во Македонија бре? До кога мислите да останете таму?“ Ова е прашањето што најчесто го слушам од пријателите кои ми се отселија на различни страни од светот и на коешто повеќе немам никаков одговор. Ми пресуши грлото, немо кревам со рамениците, чувствувајќи се уморна и престарена.
Порано возвраќав со шеги – ние сме последните херои, тука сме ако треба да ја смениме светилката, да го исклучиме светлото… е како да не, не си одиме сега на најинтересното.
Ама толку многу стана „интересно“ што просто ни збоктиса. Не поминува еден ден без глупост во Македонија. Се чудам значи како сè уште сме нормални. Малку недостасува да „откачиме“ сите. Ќе се фрапирате од потрошувачката на хелекс и дијазепам по глава на жител. Тогаш од прилика ќе сфатите како остануваме „нормални“ во ваква ненормална држава.
Не знаеш од каде да започнеш… од ѓубрето ли, што никако да се собере зад себе, да престане да се прави? Возрасни луѓе кои очекуваш да бидат пример во општеството и за помладите, ноншалантно си отвораат прозорец во автобус и ја фрлаат обвивката од бонбончето директно на улицата.
На прашањето – зошто прават ѓубре?, ти возвраќаат дрско и некултурно – Да си ја гледаш твојата работа ма!
Се прашувам дали вреди да реагираш на ваквите навидум ситни и банални неправди, кои всушност се огледало на она што сме – гнасни, некултурни, без домашно воспитување и грам емпатија за земјата која тврдиме дека ја сакаме од дното на срцето и душата.
Веројатно и оние луѓе кои седеле на клупите каде што се случи најсуровиот настан – убиството на младо, 17-годишно момче кое беше избодено до смрт, си го поставувале истото прашање. Дали да реагирам или да си седам мирно, на страна?
Станавме општество кое едноставно не реагира. На неправда, на мака, на туѓа неволја. Човек ќе умре на улица, ние веројатно ќе го прескокнеме и ќе продолжиме со чекорење. Или ќе гледаме сеир. Или ќе ги извадиме телефоните да снимиме видео, да штракнеме фотка.
Се опериравме од човечност, од емоции. Уништуваме сè што ќе допреме, не се интересираме за ништо суштинско, заблеани и завеани во политики, национализам и сите останати погрешни вредности.
Македонија е на дното. Во секој можен поглед. Сиромашни сме во џебот, уште посиромашни во умот. А чинам најсиромашни во душата.
Нема ден без нова будалаштина. А ние како да се храниме од тоа. Таму некаде, луѓето живеат нормален живот во нормални светови. И искрено им завидувам.
Да, работат многу. Се тешиме со тоа колку многу работат како робови, додека ние го пиеме третото лезетско кафе и си уживаме. „Може немаме многу пари, ама знаеме како да живееме“.
Кое живеење бре луѓе? Во земја каде што не постои ред и закон? Каде што не си заштитен на никаков можен начин? Каде што сограѓаните не можат да заспијат без хелекс и дијазепам, каде што те газат со 120 km/h на улица и виновникот се извлекува без никаква казна?
Во земја каде што малолетни деца шетаат наоружани со ножеви и бодат до смрт други деца? А „комшилакот“ кој седел во непосредна близина на изреагирал на никаков начин?
Во земја каде што брзата помош е сè освен брза, во која загадувањето е присутно константни 365 дена во годината, ама сега е лето, и „не е до толку де“, па полесно ни е да се преправаме и да замижиме пред проблемите.
А кога ќе дојде зимата ќе се прекрстиме со маските на уста. А кога ќе запролети, бројот на заболени од канцер нагло се зголемил, па се чудиме од каде. Во земјата каде што нема цитостатици и инсулин за болните, кои молат за помош.
Каде точно живееме? Како тоа уживаме? Во урнисана земја што се распаѓа? Од алчни политичари кои живеат на сметка на нашата крв, додека ние си ги копаме очите за нив?
И плачеме за нашата мила Македонија која толку многу ја сакаме. Ама мислам дека Македонија не плаче за нас. Мислам дека конечно ѝ е дојдено преку глава и крена раце од сите будалаштини.
Само чека некој да ѝ ја изгаси светилката, бидејќи умре и последното зрнце надеж за нормален живот тука.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело