Скршен туш, нечиста шолја - Ало, македонски газда, ти плаќам за хотелскава соба!
Зошто не вложиш минимални средства за да го одржуваш нивото на собите како што беше на почетокот? Зошто не реновираш? Банално е да губиш гости затоа што не ти се давало пари за нова глава на тушот на пример, зарем не?
Не, не сум од оние кои очекуваат премногу за своите пари. Туку сум реална кога, колку и каде плаќам и во зависност од тоа ми варираат и очекувањата.
Но, дел од македонскиве газди навистина не знаат да се грижат за својот бизнис.
Пред околу 5 години бев во едно ново македонско мини хотелче, совршено за планински рурален туризам, каде сè беше под совршен ред, па пред 4 години повторно на викенд во истото, па препорака давав за него кај други луѓе и годинава по пауза од неколку години повторно појдов.
Што ме пречека? Па, хорор!
Скршената глава од тушот не беше заменета и се капевме директно како што течеше од цревото, на шолјата не постоеше капак, некој некогаш го скршил и го тргнале, објаснувањето беше виновникот е група деца од некое училиште, а навечер по 22 часот немаше топла вода за туширање, ќе добиевте само со специјални поплаки.
Написите на пешкирите избледеле комплетно, а ако случајно ви се помести чаршафот ќе забележите непријатни потсетници дека многу луѓе го користеле тој душек.
Непријатно искуство. Повторно таму, не благодарам!
Место кое има совршена местоположба, каде со малку одржување може да се направи долгорочен функционален бизнис и стабилен приход и место кое добро стартуваше. Зошто газда му го направи ова?
Да, бизнисот ти тргна совршено, да, имаш премногу гости и резервации и не ти се заморува со ситници. Но, мора да си го зачуваш образот и добриот глас за местото.
Полека, полека оваа анти-реклама од шокот доживеан на лице место ќе се прошири и полека бројот на резервации ќе се намалува од ден на ден.
Зошто не вложиш минимални средства за да го одржуваш нивото на собите како што беше на почетокот? Зошто не реновираш од време навреме? За симболична инвестиција, изгледот на тие соби ќе биде сосема поинаков.
Банално е да губиш гости затоа што не ти се давало пари за нова глава на тушот на пример, зарем не?
Зошто многу македонски бизниси, за жал, се водат на овој начин? Се стартува бурно и штом се види малку поголем прилив на парички, тогаш стануваат главни газди, па мислат дека клиентите ќе сркаат што и да им се послужи?
Не е така, клиент ќе разочараш еднаш, ете можеби ќе ти даде и втора шанса, но потоа заминува засекогаш и не можеш да го вратиш дури ниту со црвен тепих посипан со рози. За своите тешко заработени пари секој внимателно одлучува што ќе си дозволи, а тоа дефинитивно не е услуга од 5-ти ранг, еднаква на навреда.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело