Чуваш 100 пенкала во кутијата, а не пишува ниту едно - од која земја сум јас?
Јас сум од земјата каде што не е важно што ќе биде бебето, битно е да биде „жив и здрав“. Каде што ќерката се нарекува „сине“, а синот „коњу“.
Од земја каде што го прашуваш човекот „Кај си бе ти?“, а тој стои пред тебе.
Јас сум од земја каде што се чуваат непотребни работи со децении и некој е во состојба да заплаче ако му ги фрлиш весниците од 1980 година.
Од земјата каде што чуваш 100 пенкала во кутијата, а не пишува ниту едно.
Доаѓам од земјата каде што „промајата убива“, каде што спиеме „како заклани“ и „умираме од смеење“.
Живеам во земја каде што „кецашот“ од основно му е директор на најодличниот и најспособниот ученик. Земја во која им се воодушевуваме на криминалците, наместо на докторите и научниците.
Некаде каде што старлетите и инфлуенсерките добиваат повеќе внимание од нормалните, начитани, паметни девојки.
Јас сум од земјата каде што сите се религиозни, но никој не е духовно исполнет и ги прекршил речиси сите 10 заповеди.
Земја во која луѓето прскаат тони парфем, а одбиваат да се избањаат.
Земја со 1000 споменици, а недостаток на цитостатици и инсулин.
Некаде каде што им давате на заем пари на пријателите бидејќи „немаат за леб“, а утредента заминуваат на скап одмор.
Земја во којашто се трујат кучиња и се одминуваат паднати луѓе на улица, каде што првиот инстинкт е да се извади телефонот и да се сними несреќата, наместо да се помогне.
Јас сум од земја во која постојано се повторува „што ми е гајле, не сум јас, не е мое, не е до мене“ како изговори кога се случува неправда и кога се уништува нешто.
А чие е? До кого е?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело