Ме боли душата луѓе - 15% од жените во Македонија користат хартија и весници за време на циклусот

Последното истражување спроведено во рамките на Институтот за јавно здравје и Новинарите за човекови права носи фрапантни податоци кои ќе ве натераат да помислите дека Македонија е сè уште во темниот век и календарот покажува најмалку 200 години поназад од тековната 2019.

Menstrualna-siromastija-01.jpg

80% од испитаничките изјавиле дека за време на менструалниот циклус користат хигиенски влошки, 5% користат тампони и неверојатни 15% не користат ниту влошки, ниту тампони. Тие користат весници, хартија и импровизирани „влошки“ направени од стари, текстилни материјали.

Многу често ја употребуваме реченицата „да плачеш или да се смееш“, но ова дефинитивно е за плачење. И за ништо друго.

Пред да го посочите прстот со обвинувања кон овие 15% од девојките и жените и со мудрувања како „има за кафе и кармин, а нема за влошки“, ред е да се соочиме со болната вистина која многумина ја игнорираме – немаат ниту за кафе, ниту за кармин, ниту за влошки.

Знам дека е тешко да се поверува, знам дека поголемиот дел мислиме дека животот е совршени фотки на Инстаграм со розов џин и сонца и зајдисонца и знам дека сите ја споменуваме таа плата од 150 евра како некоја мисловна именка, но таа сума за многу луѓе во Македонија е сурова реалност.

Да, има млади девојки, но и жени кои не може да си дозволат основни потрепштини, а не пак луксузи. Кога буџетот ти е толку многу мал, а трошоците толку проклето големи, кога се кине и онаму каде што е најтенко, кога ги броиш јајцата, купуваш во грамови и месото е луксуз којшто ретко може да си го дозволиш, не треба да нè зачудува што не остануваат пари за влошки, кои патем двојно (и нешто повеќе) ја зголемија цената од пред неколку години. Воедно, ретко која жена може да го помине циклусот со едно пакетче влошки, па вие направете ја математиката.

Доколку семејството брои 2, 3 или повеќе жени, онаа мизерна шега на мажите дека „цел живот работат за влошки“ добива уште потажна и пострашна димензија.

Да го разгледаме фактот за хигиената во училиштата во Македонија. Тука, за жал, не спаѓаат само училиштата туку и факултетите, болниците, институциите и многу други типови на установи.

Кога пријателките кажуваат дека ги наоружуваат децата од дома со: влажни марамчиња, сапун, антибактериски гелови и тоалетна хартија за на училиште затоа што НЕМА, затоа што училиштето не ги обезбедува и МОРА секој да си ги носи овие работи од дома, ми се крева косата.

Нема да ги носат! Нема да ги купуваат! Зошто тоа училиште има буџет? 21 век, а ние зборуваме за сапун и тоалетна хартија. Како што може толку сложно да се здружувате во групите за купување на скапи подароци за учителките за роденден, 8 Март, Нова година и крајот на учебната година, така може да се сплотите и на оваа сериозна тема и да повикате на бојкот и колку и да звучи смешно – да се изборите за правото на вода, сапун и тоалетна хартија во училиштата за своите деца.

Конечно, стигмата со која се соочуваме кога станува збор за менструацијата кај жените е сè уште толку голема и срамна за најголемиот дел што ме прави бесна и тажна истовремено. Како да не е јасно дека имаме менструација еднаш месечно. Како мажите да не го дознаа тоа досега.

Ако кажеш јасно и гласно дека не ти е добро затоа што имаш менструација, добиваш погледи (и од мажи и од жени) со чудење и гадење – „леле, кажа дека има менструација, срамови“.

Срамови е да имаш и да кажеш дека имаш циклус, дека трпиш неподносливи болки, дека сосема разбирливо си понапната и понервозна од вообичаено, бидејќи веднаш следуваат несолените шовинистички шеги „тоа време од месецот е, кога сте аждаи“.

Срамота е да му кажеш на мажот да ти купи влошки, него му е срам да застане на касата со нив. Циклусот е како некоја строго чувана тајна која може да ја споделиш само со мајка ти, бидејќи татко ти бега како од чумата кога ќе го слушне овој страшен збор.

Наместо нормална, менструацијата е страшна и срамна кај нас, добро запечатена и затворена тема како оние глупави кутивчиња кои служат да ги скриете влошките во нив, како шепотот и црвенилото кое го бои лицето додека ја прашувате колешката на работа дали има влошка или апче за вашите менструални болки.

Шшшшш, да не слушнат другите, срамота е…

Потребна ни е едукација за нешто толку основно, природно, несрамно и женствено, нешто без кое не би постоел самиот живот и раѓањето.

И да, повеќе од очигледно е дека државата треба бесплатно да дели влошки. И да обезбеди конечно сапун и тоалетна хартија во секоја установа. Одважете се, трошите пари на толку бесмислени проектчиња, отворете го умот и дајте заедно да зачекориме во 21 век.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во Македонија луксуз ни стана да отидеме во театар, на фризер и на ручек во кафеана Дојдовме во ситуација кога се молиме да не ни се најават гости, затоа што еден у...
И во Македонија има мажи домаќини, такви кои домот го претвораат во храм И во Македонија има мажи за медал. Онакви посветени на домот и семејството. Орга...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg