„А ти имаш твој стан?“– врие машки спонзоруши кои се интересираат само колку пари имаш
Со години наназад, на долго и широко, се труби за категоријата жени кои имаат една цел во животот – да се омажат богато, да се скрасат со некој „парајлија“ и да не му ја мислат многу многу.
Впрочем, ова не е ништо чудно, отсекогаш постоеле женски умови кои се фасцинираат од мамини синчиња чии татковци - криминалци успеале да украдат пари за пет генерации, а токму тоа плишено, кадифено мече кое не знае да врзе една сложена реченица ѝ запнало за око и успеало да го освои нејзиното нежно, пребирливо срце.
И обратно, луѓето кои цел живот работеле вредно и посветено и чесно си ги заработиле парите одвај чекаат да им влезе во куќа жена која има способност да ги потроши овие пари за 2 години и да ги остави на питачки стап.
Да резимираме, спонзорушите се страшна категорија на жени, ги имало и ќе ги има. Нема искоренување, непрестајно се множат без намера да се сотрат и секогаш ќе има наивни, простодушни души кои свесно или несвесно ќе завршат со некоја ваква.
Но, фасцинантно е како бројот на машки спонзоруши секојдневно расте. Доколку мислите дека не постојат мажи кои „би се продале“ за пари, дебело се лажете. Ги има речиси во подеднаков број како и жените кои се интересираат за една и единствена работа. ПАРИ.
Не за изгледот, не за тоа колку си паметен, образован, дали си добар и чесен човек, дали сакаш да работиш, имаш ли амбиции, колку си педантен, како се однесуваш кон најблиските, како кон животните и кое е твоето мислење за глобалното затоплување и климатските промени.
Во далечни, сега веќе бајковити, надреални времиња, постоело нешто познато како љубов. Луѓето се вљубувале еден во друг без некоја агенда или план. Единственото важно било да се сакаат, да си одговараат, а најважното прашање било дали во двете фамилии има (недај боже) некоја ментална болест.
Денес има толку многу поважни работи. Каде работиш? Колку заработуваш? Имаш ли шанси за унапредување? Имаш ли заштеда? Кои се твоите? Што работат? Имате ли некаков поголем имот? Каде живеете? Имаш ли твој стан? А автомобил? Што марка? Имате апартман надвор од Македонија за да имаме каде да скијаме зимоска? А апартман на некој од краците за да може да се побањаме на жешково?
А ти девојко патуваш? Често? Од работа те праќаат или сама си плаќаш? Ааа, ти работиш во приватна фирма, значи мора да си многу добро платена… колку си интересна, леле, не верував дека ќе запознаам толку убава и интересна девојка вечерва.
Не знаете колку сте проѕирни и колку лошо звучите гледани од страна кога сè што ве интересира е колку пари има девојката и дали нејзините родители имаат звучно презиме.
Сакаш пари? Стани и запоти го газот. Не мора да си ја продаваш душата и љубовта за нив.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело