Држи се девојче, жено и бабичке, силна си, ќе го преживееш и ова
Држи се девојче. Од моментот кога излезе од матката на својата мајка, сè уште непрогледано, светот веќе беше свртен против тебе. Сè уште си многу мала да ја осознаеш суровоста, грдите предрасуди и стереотипи поврзани со твојот, женски пол.
На шега ќе ти речат – убава на мама, ама тато малку повеќе сакаше машко. Ќе се збуниш од оваа лоша констатација. Или можеби доколку веќе имаш братче, ќе се запрашаш зошто нему повеќе му прогледуваат низ прсти, а ти се мачиш повеќе. И не заборавај малечка, куќата ќе остане на брат ти, на машкото. Женското ќе се омажи, ќе си најде друг дом.
Во училиште те задеваа поради твојата тежина, нарекувајќи те сучка бидејќи беше премногу слаба или прасе доколку имаше некој килограм повеќе. Зборовите имаат моќ да повредуваат, ти најдобро го знаеш тоа. Тие го вадат најлошото во луѓето.
Поминаа години од овие школски денови, а навредите сè уште те печат, навирајќи во облик на лоши спомени. Без разлика колку и да ослабеш или да се здебелиш кога остануваш сама, ти сè уште си она тажно, беспомошно девојче кое сака само да се покрие со ќебето преку главата и да се исплаче.
Држи се девојче, животот е долг и неправеден. Не си видела сè уште ништо.
Денес си жена, мајка, сопруга. Обврските се трупаат, одвај постигнуваш секаде. Се обидуваш да им дадеш добар пример на своите деца, да создадеш подобар свет за својата ќерка бидејќи не сакаш да поминува низ сето она низ коешто помина ти. Сфаќаш дека не можеш никогаш да ја заштитиш, да ја скриеш под стакленото ѕвоно со цел да не почувствува болка.
Сфаќаш дека најголем дел од патот ќе треба да го изоди сама и да се избори со неправдите. И дека слично како и ти во минатото, и таа ќе доаѓа дома расплакана, понижена, навредена, и сè што ќе посака ќе биде да се скрие под ќебето и да се доисплаче.
Држи се жено. Ова си го повторуваш секојдневно. Твојот мотивациски поттик, држи се, држи се… уште колку? Уште колку сметки, уште колку кредити, уште колку бесмислени кавги, уште колку обврски? Уште колку куртоазни смешкања и премолчувања за доброто на сите затоа што си добро воспитана?
Уште колку може да издржи ова мало срце? Мајчината, женската сила не познаваат граници. Ќе те исцедат, ќе те здробат, ќе те сомелат, речиси ќе те уништат. И тогаш кога мислиш дека не можеш ни секунда повеќе, дека телото ти е распарчено, а душата преуморна, одеднаш наоѓаш нова сила да продолжиш понатаму.
Држи се бабичке. Поминаа 78 години откако дојде на овој свет, расплакана и гладна. Така речиси го помина целиот свој живот. Расплакана од неправдите. Гладна за храна, поради сите оние бесмислени диети. Гладна за љубење, бидејќи ти велеа дека си премногу разгалена затоа што посакуваш љубов како од бајките.
Држи се бабичке, ти веќе го изоде најтешкиот пат. Не ти даваа да одиш на факултет. Мораше практично сама да го носиш товарот на домаќинството. Секако, во сенка. Да не се истакнеш премногу, да не одат сите пофалби на твојата сметка.
Мораше сама да се утешиш кога ти беше најтешко. Ретки беа тие со кои можеше да се подели болката и тагата за тоа како е да се биде жена во минатиот век.
Денес е некој нов свет. Жените се слободни да прават што сакаат. Наследството се дели подеднакво, без разлика на полот на децата. Жените ги уживаат сите права. Никој не ги етикетира повеќе. Никој не ги навредува и понижува. Никој не ги нарекува сучки и прасиња. Ретко доаѓаат дома, се пикаат во креветот, се покриваат преку глава и плачат до изнемоштување. Ретко се неразбрани. Секогаш имаат некого со кој може да ја споделат тагата…
...барем така сум слушнала.
Држи се жено.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело