„Продавачки на лажни илузии“ - Зошто повеќе не следам модни блогерки?

Пред неколку години сериозно се навлеков на група модни блогерки коишто секојдневно си го сервираа својот „гламурозен живот“ и целата интима и приватност на YouTube.

Zosto-povekje-ne-sledam-modni-blogerki-01.jpg

Сè поврзано со нив изгледаше практично совршено, нивната шминка, модните комбинации бирани со внимание и вкус, скапите чанти и чевли – подароци од спонзорите. Дури и нивните деца не изгледаа како останатите – стокмени, наместени како за позирање, весели и насмеани. Овие деца зарем не плачат, зарем не се нервираат?

Зарем само моето мочка понекогаш на паркетот, кај блогерката дома свети и сјае наредено како во аптека, чиниш живеат во музеј, а не во нормален дом.

Блогерката ја покажува својата утринска рутина… станува со нежен, ѕвонлив аларм, се протегнува со насмевка. Лицето и е целосно покриено со шминка, косата исфенирана, маникирот совршен. Помислувам колкумина нормални луѓе навистина живеат вака? Нас нормалните алармот нè буди со пискање или пак алармот е врескањето на децата.

Стануваш бушава и малку разлигавена од топлото време, со подочници до колена бидејќи одвај си склопила очи ноќеска од топлото време. Полузаспано, по сеќавање се обидуваш да стигнеш до тоалетот без да згазнеш на некоја играчка или на купчето облека кое ти е спремено од пред некој ден за перење или пеглање. Околу тебе вистински хаос, кај блогерката нирвана.

Кај нив сè некако е специјално, од обично утринско кафе се прави магичен напиток, најобичната чоколадна крофна се фотографира со кафето од 12 различни агли со цел да се добие таа совршена фотка од совршениот појадок на совршената тераса во совршениот дом на блогерката.

Се чувствуваш лошо, како некој најголем грешник. Си велиш толку ли сум неспособна да се разбудам во мир, да медитирам 30 минути, да си подготвам органски чај и шејк и да излезам стокмена и беспрекорно налицкана само 4 часа подоцна?

Чуден феномен се овие блогерки, влогерки, гуруа за убавина… те убедуваат како треба да се сакаш себеси, ако првенствено не се сакаш ти самиот кој друг би те сакал? Да се прифатиш онаков каков што си, гордо да се мешаш меѓу луѓето… арно ама, овие муабети се празни зборови.

Да се сакаш себеси, но не и кога си накачила цели 4 kg. Тогаш настанува вистинската паника и депресија. Да се сакаш себеси, но не и без шминка. Кога (ретко) го покажуваат лицето беа неа прво им се извинуваат на гледачите затоа што сè уште не се нашминкале и ние сме принудени да гледаме во таква грозотија.

Нели требаше да се сакаме себеси онакви какви што сме? Зошто да се извинуваме ако не сме успеале да си нанесеме шминка или баш тој ден не ни е дојдено до тоа?

Да се сакаш себеси, но не и кога имаш акни на лицето. Нив треба добро да ги загипсираш и никој да не може да види што се крие под твојата фасада. Да се сакаш себеси, ама со избелени заби, со естетски коригиран нос, со туѓи прамени во косата… да се сакаш себеси, ама да изгледаш како некој сосема друг, целосно непрепознатлив? Во тоа ли е тајната на себесакањето?

Нема да имам проблем ако жените ги прават сите овие работи за себе. Но, најчесто ги прават за другите. Со цел да им се допаднат на сите други околу нив, да го добијат нивното одобрување, нивната поддршка, нивните лајкови во состојба се целосно да се трансформираат, да патат и да мизеруваат, да поднесуваат физичка и ментална болка, само за да „грмат“, „горат“ и да го „срушат интернетот“.

И тие големи драми за мали, тривијални ситници како фактот дека се скршило омиленото руменило на блогерката и сета е во солзи и паника што понатаму... или дека косата ѝ ја скратиле еден сантиметар повеќе и е решена да не излегува 2 недели од дома бидејќи личи на страшило за плашење птици. 

Да, животот на обичниот човек е хаотичен. Има смеа, но има и плачки. Има сметки, има кредити, има несредени домови и прст неизбришана прашина. Никој не посветува 45 минути на утринското кафе, никој не се буди со совршена шминка во кревет со балдахин и меки, розови, бушави перници. Животот нема мирис на ружина вода, би рекла дека е повеќе летна манџа или печени пиперки, особено во овој период.

И да, не е совршено, но е РЕАЛНО. И секоја реалност и вистина вредат многу повеќе од наместени фотки, лажни насмевки и преправање. 

Па, збогум драги блогерки. Не дека ви значи моето отпишување како следбеник на социјалните мрежи. Еден како ниеден, секако нема да ви опадне рејтингот.

Но, лично за себе одбивам да гледам празноглави жени опседнати само (и само!) со надворешниот изглед кои продаваат лажни бајки за некаков гламурозен, скап живот. Жени кои се во состојба да купат пудра од 100 евра и со фалење потврдуваат дека не знаат да си спржат едно јајце. Или ја покажуваат својата вечерна рутина на отстранување шминка со скапи чистачи, тонери и креми во тоалет кој се распаѓа.

Вашиот живот и избори се ваша работа. Јас само не сакам да бидам набљудувач на илузии.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Елена Ристеска за CRNOBELO лексикон: „Љубовта на моите родители ми е пример како да се одржува однос... „Како дете двапати без повод бев нападната, меѓутоа толку многу ги тепав што на ...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
Среќата за секого е нешто различно - за едни е совршено исчистен дом, за други лице без брчки „Родителите и децата се вртеа во соблекувалната на градинката. Мали принцези со ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg