Мрдни со прст - на врата принцот не ти доаѓа
Јас знам дека ти сакаш бајки и среќни краеви.
Знам дека веруваш во куќички од чоколада, стаклени чевлички и безусловна љубов до крајот на животот.
Но, за жал, реалноста не е таква.
А, вистинскиот треба да го бараш, љубовта да ја градиш, а за среќниот крај добро да се испотиш.
Не верувај дека тоа некому му дошло послужено на тацна.
Имало и смели чекори и плачење и бессони ноќи. Бидејќи љубовта на јаве бајка не е.
Ќе се додворуваш понекогаш и прва, ќе попуштиш некогаш иако ти се вреска од инает, ќе го прегризеш јазикот, ќе ја симнеш круната...
И, прв чекор до принцот ти е да излезеш од дома. На врата тој нема да ти заѕвони.
Ќе го запознаеш некаде. Ќе му се насмевнеш. Ќе му дадеш знак дека ти се допаѓа.
Тешко дека тој некогаш, некаде ќе те види еднаш, ќе те запомни засекогаш и ќе те бара и на небо и под земја.
Такви чуда во цртаните филмови се случуваат.
Мрдни и ти со прст за љубов да најдеш.
Направи проверка на критериумите што ги имаш во споредба со тоа што се нуди во реалноста.
Потсети се дека и убав и добар и со стомачни мускули и со одлично образование и со доброплатена работа и со желба за патување и со романтични нагони и што 300 критериуми – нема.
Разговарај, смеј се, запознавај луѓе, шири го кругот на познаници. Врати си ја страста за животот, шетај, оди на состаноци и сигурно ќе бидеш чекор поблиску до (за тебе) вистинскиот.
Мрдни со прст - на врата принцот не ти доаѓа!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com