За сите млади кои се чувствуваат изгубено во животот - Ви оди одлично, ова не е трка!
Имате 20 години зад себе, но пред вас е целиот ваш живот. Ова, сега, е во ред. Моментот кога ќе сфатите дека не знаете што да правите е во ред. Вие сте точно онаму каде што треба да бидете. Нема краен рок или распоред.
Разбирањето на нештата ќе ви биде од корист, но само ако верувате во себе. Престанете да си кажувате дека не можете. Започнете со малку. Мора да знаете дека нема да биде лесно, но дека сепак е возможно.
Сосема во ред е да побарате помош, но секоја одлука, секоја постапка и сè што правите треба да биде нешто што ќе го одберете самите.
Црпете инспирација од вашите херои, но никогаш немојте да го споредувате вашиот напредок. Никој не е подобар или полош од вас. Постоите само вие.
Само затоа што другите прават нешто сега, не значи дека и вие треба да го правите. Само затоа што некој друг направил нешто прв, не значи дека вашето искуство е помалку важно. Движете се со ваша брзина.
Ви оди одлично. Ова не е трка. Колку повеќе се обидувате да ги престигнете другите, толку повеќе ќе се чувствува изоставено. Имате еден лавиринт од којшто треба да излезете и тој е само ваш.
Притисокот е добар, а премногу притисок може да биде лошо. Ви оди сосема добро, но тоа не значи дека треба да останете во едно место.
Ништо нема да функционира доколу не се движите. Ако не пробувате нови нешта, засекогаш ќе останете во вашата удобна зона.
Опуштете се. Ќе имате време и за патување. Ќе одите од еден град во друг, ќе разговарате на различни јазици, ќе истражувате разни места. Вистински ќе ја искусите секоја култура. А кога ќе го направите ова, ќе запознаете луѓе кои ќе имаат големо влијание врз вас.
Ќе разговарате со луѓе кои се исти како вас, луѓе кои се различни од вас, луѓе кои ги сакате и кои не ги сакате. Ќе има луѓе кои ќе ве потценуваат и луѓе кои ќе ве охрабруваат. Ќе ги има и оние кои ќе ви помогнат и кои ќе ве научат на многу.
Слушајте ги нивните приказни. Слушнете што ги плаши, што ги мотивира, што ги тера да продолжат. Ќе откриете дека во животот има многу други нешта.
Ќе чувствувате болка, тага, неудобност, но истовремено ќе се чувствувате живо. Понекогаш ќе правите грешки, ќе доживеете неуспех, ќе бидете гневни. Ќе се чувствувате уморно, но ќе сфатите дека е во ред да доживеете неуспех.
Ќе си кажувате да одморите кога ќе немате мотивација, но ќе се убедите дека откажувањето никогаш не е добра опција. Веројатно ќе се изгубите во процесот, но токму во него повторно ќе се пронајдете.
Ќе создадете нешто за себе и за луѓето што ги сакате. Ќе се растргнете на парчиња одејќи по она што го сакате и ќе научите да се сакате поради тоа.
Ќе се вљубите. Можеби утре, можеби следната година. Повторно ќе верувате во љубовта. Вие не сте студени како мраз.
Знаете ли колку пати сте си кажале дека никогаш повеќе нема да се вљубите? Знаете ли колку пати сте излажале за ова? Млади сте и нема потреба да го кажувате тоа.
Ќе бидете мизерни со денови, но ќе се чувствувате и полни со живот. Ќе искусите сè што ќе ви понуди животот. Ќе чувствувате возбуда на секој концерт. Ќе чувствувате тага кога ќе изгубите пријател. Ќе чувствувате радост кога ќе ја добиете работата од соништата. Ќе бидете скршени кога ќе плачат саканите. Ќе се чувствувате благодарно кога прв пат ќе бакнете некого.
Ќе откриете дека нема две идентични искуства, а поради тоа важно е да имате ваши. Не само што ќе ве научат на најдобрите и најважните лекции, туку ќе направат да се чувствувате живо.
Ова е патувањето на коешто треба да одите. Вие сте возачот, а вашите сакани патниците. Без разлика што ви кажуваат патниците, без разлика каде ви велат да одите, вие управувате со воланот. Па, направете го секое возење достојно за помнење.
Имате 20 години. Престанете да се сомневате во себе. Што може да тргне на погрешно?
Спирова С. | Црнобело