Не ти се извинувам и не се извинувај и ти, барем за она што си!
Не ти се извинувам за моите желби, за моите избори и за моите грешки. Сите тие ме направиле човекот којшто сум денес и не би ги менувала за ништо на светот.
Не ти должам извинување за мојот изглед. Начинот на кој се облекувам, некогаш средено, а некогаш прилично несредено. Кога брзам и излегувам по пижами и папучи до маалската продавничка. Кога сум решила да се дотерам од глава до петици обвиена во облаче од омилениот парфем.
Не должам никому извинување за мојата (не)среденост, и зошто токму тој ден сум решила да излезам со патики, а веќе следниот со штикли.
Не ти се извинувам за факултетот што сум до одбрала и дали тоа било најпаметната (читај: најисплатливата) идеја. Сум го студирала тоа што сум го сакала без да го мерам на кантар дали ќе биде просперитетно и дали некој ден ќе ми донесе многу пари. Доколку јас сум среќна со изборот, не гледам причина зошто ти би се потресувал.
Не ти должам извинување за тоа што сум решила да работам напорно и да си изградам кариера. Ниту пак планирам да ти се извинам затоа што сум одлучила да се омажам млада и да градам дом и семејство.
Нема да се извинам никому затоа што сакам само едно или три деца. Или пак ниедно. Светот не е тој кој решава што ќе се случува со мојата матка и мојот репродуктивен систем.
Не ти се извинувам за моето ненашминкано или целосно нашминкано лице, за тоа што сум зготвила 3 ручеци истовремено или сум решила денес да нарачам пица.
Не ти се извинувам за изборот на мојата облека, дали таа е брендирана или од пазарче, скапа или евтина. Ниту за тоа во каква состојба се моите нокти или косата. Бидејќи зад секое едно нешто кое го гледате на некого постои приказна и причина за истото.
Некогаш таа е смешна, но некогаш прилично болна. Брзаме со осудите и етикетите без да се запрашаме за причините.
Не се извинувам за моите килограми, за брчките, за седите влакна, за тоа што сакам да вежбам 5 пати во неделата и еднаш во месецот. За фактот дали ја фарбам косата или шетам со неисфарбан корен. За тоа дали користам луксузни или бебешки креми за лицето.
Нема да се извинам за мојата насмевка кога нешто е смешно и за мојата тага кога нештата се тажни. За моментите кога имам доволно енергија да го освојам светот и за оние кога сум летаргична и не можам да помрднам прсте.
Не се извинувам за она што сум била, тоа што сум и онаа што ќе бидам во иднина. Не должам никому ништо, освен на самата себе.
И те советувам да не се извинуваш и ти. Барем не за она што си.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело