Кога е гага и киселината е блага!
Не го разбирам овој деструктивен порив кај нашиот народ. Да се грабаш за нешто само затоа што е бесплатно, гага. Пред да почнеме да аргументираме „Еј, па ти не знаеш, Русите да не се подобри, а па Бугарите, а па Чесите…“, сакам да истакнам дека ваквите споредби воопшто не ни држат вода и се небитни.
Ниту сме во Русија, ниту во Бугарија ни Чешка и не ми е битно како се однесуваат овие или којзнае кои други народи во светот. Мене ми е битен мојот народ, а тој со ваквите постапки докажува дека менталниот склоп му е еднаков на тригодишно неразумно и невоспитано дете.
Кога ги споменавме Русите и бидејќи ужасно многу сакаме да се споредуваме и угледуваме некому, еве една смешна случка: пред многу години од огромен камион се истуриле илјадници кибрити на патот. Видео снимки на вести покажуваат како луѓето се грабаат за нив, земале по 100 во рацете, буквално се тепаат за кибритчиња. Сопираат еден и го прашуваат - зошто ви се толку многу кибрити?
Тој насмеан од уво до уво, крева раменици одвај додржувајќи го пленот и вика: Па не знам. Ама џабе се.
И тоа е тој ист менталитет што ќе нè убие. Не ти треба нештото, ама џабе е. Значи мора да се земе. Пријатели на ТВ што го гледале истиот прилог се воодушевуваа како луѓето однеле стотици кибрити дома. И? Ќе ги продаваат, ќе се збогатат? Нема да купат кибрит до крајот на животот и ќе заштедат 200 денари? Професионални пиромани се, па сега се опремени со оружје?
Стварно не ве разбирам луѓе, мора да има некоја дијагноза за нас. Некои велат сме биле многу сиромашни, па затоа се однесуваме така. Па, не би рекла. Најчесто се грабаат луѓето кои всушност имаат најмногу и воопшто не им се потребни тие работи.
Може да си ги дозволат, може да ги купат уште за 10 луѓе тие работи за кои се буткаат и не пропуштаат прилика да ви се пофалат со тој факт, а сепак се први: покрај шведската маса. На промоција на бесплатни производи. Фали уште да ја отворат торбата и да напикаат намачкани залчиња со паштета, зашто еј – без пари е!
И како да имаат вграден радар за вакви работи. Гледаат од далеку толпа луѓе и си велат - или е несреќа или се дели нешто гага. Одиме!
Сериозно луѓе од ваква сорта за жалење сте. Ај некако да премижиме што имате толку лоши карактерни особини за „гагачење“ што обележуваат цела една нација. Ама кога глумите господа од големото добро утро, надмени и арогантни, а ваму се тепате за кифличка… па пресмешни сте.
Кого лажете, светот или себеси? За доброто на сите, престанете да се тепате и да грабате работи само затоа што се бесплатни. Пробувајте со усул. Задржете го нивото на култура, останете прибрани и цивилизирани. Воспитувајте ги и децата во истиот дух. Чувајте си го достоинството бре луѓе, повредно е од гратис кафе, чаша вино, пенкало, запалка, глупав кибрит, колаче!
Кога сте во недоумица само помислете – дали животот ми зависи од овој гратис производ? Не. И продолжете понатаму.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело