„Му плесна шлаканица на сопругот пред сите нас“ - Ало, брачните проблеми се за дома!
Беа на гости кај нас и направија сцена која ја помнам до ден денес... Татко ми беше лут со години, а јас запомнив „брачните проблеми се за дома“.
Таа секогаш беше доминантна во односот со сопругот и физички покрупна од него и иако некогаш знаеше да му се обрати на повисок тон, кога доаѓале кај нас на гости други проблеми немало.
Сè додека еднаш среде препирање на некоја тема таа без размислување му удри шлаканица на сопругот. Да, да, на тркалезна маса пред сите, заедно со мезето и ракијата.
Моите родители беа вчудовидени од ситуацијата. Јас бев дете и си цртав во еден агол од собата. Тогаш само појдов во другата соба.
Знам татко ми со поглед ме испрати. Кусо потоа си заминаа и гостите.
Татко ми толку лут не сум го видела. Се сеќавам повторуваше „Брачните проблеми се за дома, таму нека си прават што сакаат, но ваква сцена во мојот дом - срамота“ и во наредните 5 години тие не стапнаа во нашиот дом. Не беа добредојдени.
Таква непочит кон неговиот пријател, но и нас и нашиот семеен дом татко ми не сакаше да прости.
И оттогаш јасно запомнив дека брачните проблеми се за дома. Без разлика колку се тие големи, жестоки или навидум нерешливи, другите луѓе едноставно нема потреба да трпат. Тие ниту се дел од нашите проблеми, ниту пак се должни да се полнат со негативна енергија или да се чувствуваат непријатно.
Тие не се виновни ниту за финансиските проблеми, ниту за неверствата, ниту за непосветеноста кон децата на вашиот сопруг/а во бракот. Тоа решете си го дома.
Кавги и скандали пред другите ќе ви донесат само лошо.
Вие и партнерот можеби веќе утре ќе го решите и заборавите конфликтот, но другите пред кои сте направиле сцена нема да заборават никогаш. Повеќе нема да ве гледаат со исти очи, ниту ќе имаат добро мислење за вас.
Ќе се запрашаат за вашето ниво на култура, а и за тоа дали сте им погодно друштво во слободните мигови кога само сакаат да се релаксираат со пријатели.
За да не ви се смее народот, а и да не го малтретирате - брачните проблеми оставете ги за дома на само.
П. С. Не, не се разведоа, потоа фукционираа како ништо да не се случило. Е, сега зад затворени врати, за среќа, не знам.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело / depositphotos.com