Милје, килими, најшарените шолји за кафе: Кај баба и дедо дома... (фото)
Мирис на детство и носталгија... Сите ретро работи во нивниот дом ме враќаат во едно поинакво и поубаво време, ми прават топло на душата.
Домовите на нашите баби и дедовци имаат посебна магија. Мирисаат на едни безгрижни времиња, на еден друг живот, на вистински вредности.
Тогаш немаше тонење во материјализам, ниту фалби на социјалните мрежи кој води „подобар“ живот.
Скромноста се сметаше за карактеристика што го краси човека, се уживаше во шолја кафе на раат и се јадеа слатки од најшарените чинии.
Влегов во домот каде некогаш живееја моите баба и дедо и ме преплави носталгија, ме преплавија спомени по едни убави времиња. Изгледот на сите ретро работи во нивниот дом ми направи топло на душата.
Сите тие шолјички, чашки, свеќници, килими, милјеа ми потсетија на луѓето кои беа родени во 20-тите години на минатиот век и кои го одбележаа моето детство.