Жена на жена си е најголемата непријателка, а и на самата себе, нека овој пат не биде така
Види ја колку е слаба… јаде ли оваа жена нешто? Сукало, стап за чукање ореви, чачкалица. А ми личи и на многу злобна. Сите такви испиени и исушени се лоши, исфрустрирани. Земи ма изеди една крофна, оправи се, заличи на човек…
Види ја колку е дебела… престанува ли да јаде оваа жена? Мечка, прасица, шифоњер. А ми личи и на многу злобна. Сите такви полнички и дебели се лоши, исфрустрирани. Земи ма извади ја таа крофната од уста, оправи се, заличи на човек…
Ние жените сме си најголеми непријателки една на друга, но и на самите себе. Прво, најголем непријател ни е огледалото. Она што го имаме дома, и она во кое секојдневно се огледуваме – очите на луѓето околу нас. Постојано сме во потрага по нечие одобрување, восхит и аплаузи.
За сметка на тоа подготвени сме да газиме една врз друга. Во трката која е подобра, поубава, пофина… која полесно се вратила во форма по породувањето, која може да извежба повеќе и подолго, која ќе се пикне во најмалото бројче фустан, која ја носи најскапата чанта, во таа безумна трка ја губиме перцепцијата за сопствената вредност и она што вистински треба да ни е битно.
Брзо носиме пресуда, инстантно осудуваме. Доволни ни се 5 секунди да процениме дали жената спроти нас е вредна за нашето внимание, а индикаторите ни се најчесто облеката која ја носи, чевлите на нозете, парфемот, косата или ноктите… ниту на крај памет не ни паѓа да се ставиме во нејзината испукана кожа, во нејзините стари, изветвени чевли кои го изгубиле сјајот и да размислиме зошто е тоа така.
Ние веќе сме го донеле сопствениот суд, таа е проста, неодговорна и не го заслужува нашето внимание. Нејзината приказна не нè интересира. Не ни е гајле за нејзините лични борби и премрежја. Ако е доволно способна и силна, ќе застане самата на нозе.
А вистината е дека толку многу ни се потребни другите луѓе, особено помошта и поддршката од другите жени во нашето опкружување. Да бидеме потрпеливи една кон друга. Да се сослушаме. Да се почитуваме и да си помогнеме кога ни е најтешко.
Наместо тоа, умееме само да си ги истакнуваме мааните. Да се ситиме на туѓата женска неволја. Да земаме лоши примери и да воздивнуваме пред некои женски идоли кои не ни се ниту до колена.
Овој пат, би сакала да ги поздравам вистинските жени. Жените од реалноста. Тие можеби на прв поглед не се она што потајно го посакувате за себеси, додека ги вртите перфектно налицканите фотки на Инстаграм.
Не се совршено исполирани, не се фотошопирани. Имаат брчки. Имаат попуштени вени. Немаат совршени фризури каде што секое влакно седи стокмено на своето место. Немаат секогаш челични нерви да им угодат на сите по дома. Често пати ја губат контролата. Се развикуваат и плачат, некогаш пред сите, а некогаш кришум под ќебето додека другите брзо ја јадат вечерата којашто тие ја подготвиле.
Ја прекршуваат диетата, па подоцна се чувствуваат виновни. Утредента почнуваат одново. Го преземаат целиот товар на својот грб, дури и кога тоа не се бара од нив. Срцето им крвави кога ги гледаат нивните најблиски во болка.
Сами закажуваат мамографија, без да кажат никому, за да не ги загрижуваат. Ја одмолчуваат и операцијата или ја претставуваат помалку сериозна отколку што вистински е. Повторно – за да не се грижат блиските.
Јадат помалку, за да им остане на децата повеќе. Ги носат истите алишта со години за да има за другите. Од едно прават две, од ништо – нешто.
Женското срце е толку силно и истовремено толку нежно, толку кршливо. Толку малку му е потребно да биде среќно.
Реалните жени се вистинските херои на денешницата. Не некои празноглави кукли залудени од други празноглави кукли, заплеткани во некој магичен круг, создавајќи лажни идоли недостојни за почит и внимание.
Идоли кои ве убедуваат дека за да успеете треба да газите врз другите жени. Дека не постои вистинско женско пријателство. Дека жените се заколнати крвни непријателки, во вечен ривалитет кој ќе ги уништи.
Зошто да не се запрашаме – која е оваа жена, каква е нејзината приказна? Зошто да си бидеме непријателки, кога сме многу попаметни од тоа? Зошто да не си подадеме рака кога ни е најтешко?
Зошто би плачела сама кога ме имаш мене?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело