Децата оп – ние скок, уште незинати – ние сме тука да исполниме желби, а на крајот немаме време и трпение за ништо
Се возам во автобус кој се бутка помеѓу останатите возила во утринската сообраќајна џунгла. Возачот е очигледно нетрпелив да стигнеме побрзо, дури и по цена да погинеме. Спроти мене седи група тинејџери кои очигледно одат на училиште.
Тие се веќе ококорени, бучни и гласни. Сите се зјапнати во мобилните и сите без исклучок „скролаат“ толку брзо на телефоните, не застанувајќи ниту една секунда да ги погледнат добро работите кои им поминуваат пред очите.
Тие, како и многу други луѓе на денешницата го имаат истиот проблем – имаат недостаток на трпение. Едноставно не може да се сосредоточат на една работа подолго од некоја минутка. Минутка е дури огромен успех, во прашање се секунди. Во рок од неколку секунди им се здосадуваат работите преминувајќи на следната во морето информации кое ги преплавува.
И не се само работите на интернет. Новите генерации денес се заситуваат премногу брзо од сè, имајќи нула трпение за нештата да се завршат докрај. Одвај може да доседат во кино. Имаш чувство дека ќе полудат во столчето и на крајот ќе го искршат од бесконечното вртење во место.
Немаат капацитет да догледаат еден филм до крајот без да погледнат стотина пати во телефонот. Бесни и разјарени очекуваат сè да им биде сервирано во истата секунда кога ќе го посакаат. Не се виновни тие. Некој ги научил така.
Сакаш да јадеш – на ти мама пица, жеден си - еве веднаш сокче, или можеби сакаш водичка, аха разладена сакаш, брзо ставај мраз. Да купиме нови патики – туууу, како не работат продавниците во 23 часот навечер, готово, одиме веднаш утре во 9 штом отворат и купуваме! Не плачи.
Уште незинати, ние сме веќе тука на услуга, сервилни и потресени – што ти треба, што сакаш, ќе го купиме или направиме веднаш!
Каде бре со овој памет? Ама децата мора да го учат ова однесување од некого. Ние сме огледалото во кое се огледуваат. Не заостануваме многу зад нив. Сакаме добра работа веднаш по дипломирањето без да го запотиме задникот за истата. Сакаме нов автомобил, сакаме покрив над главата, сакаме веднаш да го обиколиме светот. Сакаме многу пари, по можност да не работиме за истите, да паднат од небо најубаво.
Сакаме да ја купиме скапата чанта или скапиот часовник веднаш. Недај боже некој да ти рече – па добро, почекај да дојде на попуст или штеди малку за работите. Очите ќе му ги откопаме! Кој си ти да ми кажуваш да чекам, неспособен еден. Ти чекај ако ти се чека, животот нека ти помине во чекање. Гладни сме, сакаме сè и сакаме веднаш, во секундата!
Немаме трпение да работиме на нештата, ниту пак време за истите. Сè да биде по можност брзо! Што му треба на ова кафе цели 3 минути да се направи, нели може да се свари за 30 секунди? Да заштедам време. Брзо кафе „од нога“, брза храна, брзи, недокажани муабети со пријателите. Брзо, експресно вежбање, брзам да стигнам некаде, како мува без глава.
Брзо возење по цена да го изгубам животот, затоа што тие 4 минути ми ја прават сета разлика на светов. Брзо, брзо да си ги раскажеме животите со пријателката со која не сме се виделе една година, во тие 15 минути што сме ги одвоиле за е(к)спресното кафе.
Пред неколку недели бевме на детски роденден. Во игротека, нормално. Цели 2 часа роденден „на стероиди“. Децата не запреа со викање, не знаеа што попрво, не знаеа што со себеси. Не седнаа да се заиграат, не можеа да се посветат подолго од некоја минутка ниту на слушање приказна, ниту на пеење песничка, ниту на цртање на лицата, ниту на игрите со жетони.
Славеникот на крајот се расплака од што не можеше очигледно да го истрпи лудилото околку него. Родителите во грч, да заврши што поскоро, да се спакуваат, затоа што брзаат некаде. Аман, уште еден роденден…
Толку многу пари фрлени попусто. Каде е уживањето, каде е играта, каде е среќата? Сè е на брзање, сè е на сила, сè е инстант!
Немате живци за ништо. За љубов пак најмалку. Немате живци да се трудите. При првиот пораз кога работите не се одвиваат онака како што јасно сте ги зацртале во главата, веднаш кревате раце и се откажувате. Сè ви е досадно, веднаш ви станува неинтересно. Не оди тоа така.
Добрите работи бараат време и трпение. Да работиш на нив, да им се надеваш, жедно да ги очекуваш. Како изгледа среќата кога ќе ги добиеш, чувство кое не се заменува со ништо на светот.
Ако добиваме сè одеднаш и сервирано на тацна, ако постојано брзаме некаде, ако немаме трпение за ништо и нашите деца го прават истото–како очекуваме што било да нè направи среќни?
Каде е уживањето во сето тоа?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело