Во Македонија сите станавме експерти за сè – затоа не нè бива!
Треба да научиме нешто ново? Па, неее... Зошто ни е таков луксуз во животот? Треба да чуеме туѓо мислење и понекогаш, самоооо понекогаш, да признаеме дека грешиме. Неее, ние сме експерти!
Пуштам вести и ете ти експерт за ова, експерт за она и сè што можам да чујам се само празни муабети, непоткрепени со факти. Ете така е во Македонија секој има право на мислење на секоја тема, па дури и истото да го пропагира јавно, без разлика што има 0 познавања од темата што ја коментира.
Баш пред некој ден еден лик со кој завршив средно образование и се издвојуваше по некапацитетот, ако може така да кажам, станал експерт и тоа за прашања од животно значење на сите нас. И ете го самоуверено настапува, треска глупости, но телевизиите го пренесуваат неговиот став, а весниците го цитираат со експерт пред неговото име и презиме.
Малку не сме меродавни сите за сè, малку не е реално да сме најинформирани и најпаметни за секоја можна тема, малку станавме арогантни иако последна прочитана книга ни е Зоки Поки.
Малку претеравме со јавните осуди, со дрските ставови, со терање на своето по секоја цена. Во дебати не слушаме, нафрламе само некои сувопарни факти и со носот во облаци и илузијата дека сме главни и најпаметни тераме напред.
Другите не знаат што зборуваат, а ние одиме гордо напред со „Јас, јас, јас“.
Треба да научиме нешто ново? Па, неее... Зошто ни е таков луксуз во животот?
Треба да чуеме туѓо мислење и понекогаш, самоооо понекогаш, да размислиме дека ете можеби не сме безгрешни, дека ете ставот не ни држи вода и дека не е крај на светот ако тоа го признаеме јавно и го промениме истиот.
Не може да сте експерт за политика, економија, литература, спорт, естрада, едноставно не може. Не може само вашето мислење да е релевантно. Не може сите други секогаш и секаде и за секоја тема да грешат, нели?
Малку симнете ја главата од облаци. Се учи и преку искуствата на другите и преку пренесените знаења од другите и преку конструктивна дебата.
Доста со тоа дека вашиот збор е последен и никој и ништо не може да ве убеди во спротивното. Така нема да напредувате.
Така ќе останете заглавени на нивото на кое сте со единствена заблуда дека сте најдобри и најпаметни, додека другите алергија ги фаќа од вашите непроменливи ставови.
Станавме држава полна експерти каде секој знае сè, секој си го пика носот секаде и не си ја гледа својата работа. Сите нешто се наметнуваме, сите нешто толкуваме и на крај сфаќаме дека во нашиот живот и кариера не сме мрднале од нулта позиција, но затоа државата и сите други ги „оправивме“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело / depositphotos.com