Освежување на спомените од детството вo ’90-ите: Различни приоритети, навики, игри и перспективи
Во последно време често се наоѓам во ситуации кога размислувам за моето детство. Толку е поразлично од онаа на новата генерација. Различни приоритети, навики, различни игри и перспективи.
Сите доживувања од детството сѐ уште длабоко се вкоренети во мене. А, верувам дека ги има голем број на носталгичари, кои одново сакаат да ги оживеат тогашните спомени.
Пред неколку недели, се спуштив во подрумот и во една кутија налетав на толку многу потсетници на детството што едноставно не можев со часови да се одделам до нив.
Прво во рацете ми падна нинтендо, заедно со два џојстика. На едниот му беше скинат кабелот, но тоа воопшто не беше важно.
Добив желба уште во истиот миг да седнам и да ja поиграм легендарната Super Mario или Donkey Kong, игра во која цело време треба да скокаш и трчаш, сè дури не ја ослободиш принцезата.
Единствено сочувана дискета што ја најдов во кутијата беше Street Fighter II, која излезе во 1992 година. Ова за мене е една од најдобрите тепачки игри на сите времиња.
По ова во рацете го зедов сивиот тетрис. Ех, кога ќе се сетам колку часа дремев под сенка, додека баба и дедо работеа на нива.
Уште од тоа време се сеќавам дека дедо ми, ми има речено дека тетрис бил првиот руски софтвер за забава кој бил извезуван во Соединетите Американски Држави.
Во едно дрвено кутивче најдов три Tamagotchi миленичиња. Знам дека едното беше на брат ми, а останатите две беа мои.
Првото ми падна во тоалетна школка и никогаш не се опорави, а другото преживеа додека не ми помина меракот. Во тие моменти на временско навраќање, како одново да се пренесов себеси во 90-тите години на минатиот век.
Траеше кратко, но вредеше.
И тоа не беше сѐ. Налетав на клик-клак. Ги чукав цел ден.
Мислам дека им ја растропав главата на моите. Но, за разлика од некогаш, сега веднаш престанав да ги тормозам, откако ме замолија да престанам со чукањето.
Не знам зошто, но мислев дека немам ниту една џамлијапо дома. И сега, после толку години, налетав на цело торбиче.
Преку триесеттина џамлии ми се растркалаа низ подрумот, па едвај успеав да ги вратам назад. Освен една, која се сокри под еден рафт. Веројатно таму ќе остане уште многу години.
Како последен потсетувач на минатото беше сината боенка со момче-сликар. Секој од нашата генерација се сеќава на неа.
Па благодарение на оваа боенка многумина од нас се запознаа со светот на боите и креативноста.
Толку. Кутијата се испразни, а јас, откако сѐ вратив на старо место, излегов од дома, не можејќи да се ослободам од напливот на емоции и спомени од едно дамнешно време.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело