Џабе убавина, кога си празен како шупелка во главата
Кога најчесто зборуваме или коментираме за некој човек што е физички привлечен односно убав, моето прво прашање секогаш гласи – А дали е паметен?
Многумина ми се смеат на оваа моја особина. Демек, што има врска надворешната убавина со паметот? Има, има и тоа како.
Едноставно е – оној кој е празен како шупелка во главата, мене автоматски ми станува непривлечен, макар бил и најубавиот човек на светот. Посилно е од мене, а истото го мислам подеднакво и за мажите и за жените.
Секако, паметот е многу широк поим. Не барам луѓето да рецитираат математички или хемиски формули. Никој тука не мисли на „скроз одлични“ со сите петки во книшката или десетки во индексот.
Станува збор за познавање на поими и факти од општата култура. Да умее да резонира и да поседува емоционална интелигенција.
Толку многу работи ги ставам на пиедесталот пред надворешната убавина. Паметот, интелигенцијата, умешноста да се снајдеш на улица. Шармот. Харизмата. Скромноста. Домашното воспитување. Амбицијата, трудољубивоста што се вложува. Односот кон природата, кон животните, кон другите луѓе.
И уште дваесетина побитни нешта од таа пуста убавина по која го губиме паметот. Што е убавината на крајот од денот? Минлива, менлива именка. Она што е убаво за тебе, мене може да ми биде најгрдо и обратно.
Сосема субјективно е. Вкусови се во прашање. Но, постои ли некој што посакува покрај себе празен, глупав човек? Некој со кого не можеш да се разбереш на крајот од денот? Со кого не можеш да си направиш муабет?
Најстрашното е што паметните луѓе секогаш во себе носат мала доза на сомнеж кој се однесува на нивните можности. Од друга страна пак глупавите луѓе се бестрашни, преполни самодоверба која се прелева од нив.
И бидете најубави на светот. Стокмени, налицкани и дотерани, намирисани и скроени како за рекламен постер. Попусто ви е. Со празниот ум и глава скроена само за шишање нема да стигнете предалеку. Убавината одамна не е доволно силен адут да постигнете сè во животот.
Ако убавината ви е единственото нешто на коешто се потпирате, лошо сте се пресметале. Бидејќи на некои луѓе не сте им ниту најмалку привлечни со непромислените, плитките и празноумните изјави.
Грдиот човек може да биде паметен. Ама глупавиот не може да биде убав.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело