Мајка ми и татко ми подобро се забавуваат од мене, иако се 30 години постари
- Ајде да излеземе викендов, на кафе, на пијачка, во дискотека… - Леле, не можам викендов. Преуморна сум и немам желба за никакво излегување. Сакам само да лежам, да спијам и да гледам серии.
Не знам колку пати сум ја изговорила оваа реченица во последниве неколку години. И колку пати сум ја слушнала истата од страна на многу други луѓе на мојата возраст.
Како аргумент за оваа масовна, заразна појава можам да наведам многу работи: времето е стресно и скапоцено, работа има многу. Сè што сакам викендот е да одморам, да се релаксирам, без да гледам премногу луѓе околу мене.
Брзо се преморувам. Немам сила, ниту волја да слушам што им се случува на другите, ниту пак некому да го прераскажувам и повторно да го преживувам хоророт од изминатата работна недела.
Ме мрзи. Тоа е вистината. Ме мрзи да се спремам, ме мрзи да се шминкам кога тоа го правам секое утро 5 дена во неделата, ме мрзи да стојам на штикли, да се буткам, да ми ечи гласна музика кога сè што сакам е само мир и тишина. Животот и онака е премногу хаотичен.
Но, забележувам и нешто друго, многу пострашно од одбивањето да излезеш во петок и сабота навечер. Луѓето едноставно одбиваат да се дружат. Не само што одбиваат да излезат надвор, туку ретко и покануваат некого дома на гости.
Не само што не покануваат гости, тие и не сакаат да одат кај никого дома. Никој не ве вика на копање бре луѓе, на седенка ве викаме, на мезе и пијачка, опуштено. И за тоа имаат мака и некој изговор да не дојдат.
Станавме зомби-луѓе, зависни од работа, од мобилните телефони. Не сакаме да се дружиме. И кога излегуваме некаде најголем дел од времето сме насочени кон телефоните. Секој сака побрзо да стигне дома. Се изгуби сета магија на излегувањето.
И општо сме затворени типови. Доколку те викнат некаде, задолжително прашуваш кој друг ќе дојде… А кои се тие луѓе? Не ги познавам. Па како сега ќе излегувам со некои луѓе што никогаш не сум ги видела?
Проблем ни е да се запознаеме, да се помешаме со некое друго друштво. Кога во истата просторија ќе се соберат 2 или 3 друштва, ретко кога луѓето комуницираат надвор од рамките на своето. Некоја невидлива бариера нè спречува да се опуштиме, стравот што другите ќе мислат за нас, егото што не сака да признае дека некој може да е поинтересен или подобар од нас.
Ова е жално. Станавме нација која не знае повеќе како да се опушти, како да се забавува. Пред да кажете дека проблемот е во парите, веднаш ќе ве демантирам. Моите родители располагале со многу помалку пари на мои години. И тогаш и сега, умееле да се забавуваат.
Особено порано, луѓето од ништо си правеле нешто. И покрај недостатокот од пари, модерна технологија или премногу избор, тие едноставно се забавувале со срце и душа.
И се дружеле, и ден денеска се дружат многу повеќе од нас и имаат многу поголемо друштво, многу повеќе познаници.
Кога ќе им кажам од што сум се уморила во текот на денот, искрено ми се смеат. Веројатно не сакаат директно да ми кажат дека имале многу повеќе обврски од мене, па сепак наоѓале време за забава и за сите свои пријатели.
Какви забави биле тоа! Им завидувам на моите родители и на сите луѓе од постарите генерации. Ослободени од суета, его и завист, ослободени од страв и етикетирање. Ослободени од анализата којшто носи, како е облечен, колку заработува, што пие, како игра, како пее… Седенки до раните утрински часови, песни, гитари, играње и смеење.
Спомени коишто се раскажуваат до ден денешен. И сè уште умеат да се дружат и покрај годините. Годините за нив се само бројка. Не им е гајле дали некој ги гледа, како изгледаат од страна, којшто ќе кажел.
- Ех бе деца, сум немал скршен денар во џеб и сум си поминувал најубаво. Вие ги имате сите пари во џебот и пак не знаете како да се забавувате…
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело