Утре му е роденден на Тоше, утре душата ќе ме жегне, но Тоше е вечен - таа мисла ме теши
Утре е 25-ти јануари.
Утре е 38-миот роденден на Тоше.
Утре пак ќе ми биде тешко на душата.
Утре пак срцето ќе ме жегне што повеќе не е тука, не е со нас.
Ќе се сетам на ангелскиот глас, на чистата душа, на најубавата насмевка на светот.
Ќе се сетам на тој кој имаше моќ да ја сплоти Македонија,
тој кој правеше сите да дишеме во ист здив,
сите да пееме во ист глас,
сите да сакаме ист човек – него.
Повеќе нема кој да нè сплоти,
сега сме студени, отуѓени, заборавивме да се радуваме.
Само си замислувам како би било да можеше сите да нè собере на еден концерт,
да заборавиме на сите грижи,
да се претвориме во уво,
песната да ни ја стопли душата,
да ни биде убаво на срцето.
Само Тоше ја имаше таа моќ.
Но, тој имаше и моќ да остави белег кој е посилен од времето,
белег на кој годините не му можат ништо.
Неговиот лик и дело никогаш нема да бидат осудени на заборав,
преголеми се за тоа.
Тоше е вечен.
И кога е Македонија во прашање,
останува една од нејзините најсветли точки.
Го чекам денот кога на моето дете ќе му ја пуштам „Цреша“ и ќе му раскажам за големиот Тоше.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело