„Не одам кај таа докторка - дрска е“, ми вели, „Јас одам - професионалец е и тоа ми е доволно“
Испадна дека имаме искуство со ист гинеколог со една пријателка и додека таа ја прогласи за „докторка од пеколот“, јас останав вчудовидена затоа што поголем професионалец не сум запознала...
Со една пријателка случајно паднавме на тема гинеколог и се погоди двете да имаме искуство со иста докторка.
Штом ѝ го слушна името мислам кожата ѝ се наежи. Ми вели „Не одам кај таа докторка никогаш повеќе во животот. Дрска е, ладна е. Не ми посветува внимание, не знае како да ме опушти, а тоа ѝ е работа... Не ми се допаѓа. Не се смее, директно преминува на прегледот.“
Слушам и ми дојде интересно затоа што јас имам поинаква перцепција за истата докторка.
Ѝ велам: „Па, јас поголем професионалец од неа не сум сретнала. Брза е, ефикасна, си ја знае работата, преминува директно на тоа за што сум дојдена и не си губи и не ми губи време залудно.
Има долгогодишно искуство, поставува одлични дијагнози и мене навистина не ми е потребно да ѝ тече мед и млеко од устата, туку само да ѝ верувам дека совршено добро се грижи за моето здравје, а таа да е достојна на укажаната доверба.
Воопшто не ми пречи што не ми испраќа кокетни насмевки кога ќе пристигнам кај неа во ординација, ниту ми прави банални муабети за тоа какво е времето и не глуми дека добро се сеќава на сите детали од мојата последна посета кај неа, кога оттогаш ѝ минале уште илјада пациенти во ординацијата.
Не ми пречи што се потсетува од картонот како било моето презиме и што од мене бара конкретно да ѝ кажам зошто сум дојдена и веднаш преминува на работа.
Обожавам такви професионалци. Луѓето од сите сфери да беа такви ќе бевме среќни.
Не ми е потребно да ме гали по рака, потребно е да знам дека знае што прави. Залудно таа ќе се топи и ќе ме нарекува омилена пациентка ако не ја бива за работата. А искрено има многу такви. Чест на исклучоците што се две во едно.
Но, обично многу од професионалците минале толку многу што веќе немаат енергија да бидат и психолози и доктори едновремено и мене тоа ми е во ред. Немам преголеми очекувања од тој аспект.
Мене ме ежат ситуациите како една кога матичната докторка, која ме обожава и секогаш е со розови обравчиња и усни од кои течат најмилни зборови, поради погрешна дијагноза ми препиша нешто што ми ја искомплицира ситуацијата, па друга докторка ме прати на хирургија, па со денови не спиев и се нервирав, сè додека не се одлучив да појдам на трето мислење каде се откри коренот на проблемот и брзо и едноставно, без компликации, операции и што уште не се реши.
Залудно докторката ми се смешкаше и ме прогласуваше за омилена пациентка кога со својата неукост ми предизвика стрес кој ми го скрати животот за 3 години.
Си одам кај мојата дрска докторка и кога ќе ја видам со тој строг израз на лицето ми доаѓа дури да си ја гушнам. Професионалец е, самоуверена е, па нека си прави како што сака, сè додека е комплетно посветена на тоа да го стори најдоброто за моето здравје.
Бакнежи и прегратки до мојата докторка „намќорка“!“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело