Неодлучни, нема потреба од толку мислење помеѓу ѓеврек и перек, и утре ќе појадувате

Рано изутрина, температурата минус 6, редица пред локалната бурекчилница. Сите се брзаме на работа, поспани, уморни и по малку депресивни, сосема типично за почетокот на секоја година.

Neodlucni-nema-potreba-od-tolku-mislenje-01.jpg

Како за беља, секогаш ќе ти се погоди некој неодлучен што не може 15 минути да се реши што да појадува. Како да ќе нема утре, денеска умираме сите. Ова е вашиот последен појадок во животот, па бирајте внимателно, мора да остане запаметен и запишан во легендите.

А ова со што е? – Со шунка и кашкавал. А ова до него? – Со кашкавал и маслинки. А третото? - Со печурки и та-на-на…

Ахам. Пааааа, што знам… ги развлекува зборовите бавно, додека реагира уште побавно. Младата неодлучна госпоѓица го има целото време на светот. Таа не се брза никаде, а ни вие нема да го добиете својот појадок наскоро.

Дали ви се верува дека праша буквално за составот на сите 20 производи поединечно? Продавачот, човек со челични нерви на крајот се премори, па на прашањето – а оваа кифла со што е, мирно одговори – со кавијар девојче.

Требаше да ѝ стане јасно дека сарказмот проработе на најсилно и дека ги малтретира и купувачите зад неа и кутриот бурекчија, ама не… сосема мирно си продолжи да се туфка и да се мисли, за на крајот да се одлучи за едно најобично ѓеврече и јогурт.

Вие, специјално скроена група кои немате усул за другите луѓе, група саможивници кои сте во состојба да потрошите и 20 минути во изборот за нешто што се јаде цели 2 и е ритуал кој ќе го повторите уште некои 12.000 пат во животот – сте ненормални.

Аргументите од типот – де бре, каде се брзате, уживајте во животот, не ви поминуваат. Никој, ама баш никој нема време и нерви за вашето лигавење и неодлучноста зачинета со доза ароганција. Уште на крајот другите ви се виновни зошто биле нервозни. Вие сте си супер. Вие си уживате во животот.

Вие сте тие истите кои упорно дремете на касите во супер маркетите и не го вадите паричникот додека не ви ја кажат сметката, не си ги пакувате производите на време и ја задржувате целата редица купувачи. Вие сте тие кои во најголемите турканици решаваат да пополнат картичка за бонус поени, оти така ви прднало на паметот и патем да се информирате за сите попусти и привилегии, од А до Ш од страна на кутрите продавачи, иако сè е изнапишано на летокот и на интернет, јасно и читливо.

Вие сте таа неодлучна група која никогаш не може да се реши помеѓу капучино или макијато или турско кафе, всушност не, не пијам кафе, многу ме боли желудникот, ама ајде ќе се напијам едно мало еспресо… не, не еспресо, јако ќе ми биде, да земам сепак фрапе, што мислиш ти?

Јас мислам дека треба да си ја прегледаш главата и да си поставиш приоритети во животот. Не е просто нормално да вложуваш толку време и енергија во небитни, репетитивни работи од кои не ти зависи животот. Какво кафе и да се напиеш, и да биде најгрдото на светот, утре имаш нов ден да ја поправиш грешката.

Не мора од секој избор да се прави драма. И не сте сами на светот. Не знам дали уживате да се влечете затоа што сакате да ги нервирате другите, да ги понижувате луѓето кои ве услужуваат или едноставно не сте свесни за овие ваши лоши карактерни особини, што е уште полошо, но крајно време е да се опаметите малку.

И секаде сте исти – во аптека, на лекар, во продавница, во продажен салон, во бурекчилница, вечно неодлучни, вечно замислени дали да биде со кечап или мајонез, или само со кечап или само со мајонез или без ништо?

Слободно бидете си неодлучни дома. Со часови бирајте ја облеката која планирате да ја носите, дали да перете со течен детергент или прашок, да зготвите печен или варен компир, да ги налакирате ноктите црвено или зелено.

Но, кога ќе се најдете надвор во светот помешани со други луѓе време е конечно да пораснете. И запаметете – не умираме денес, и утре ќе осамне нов ден.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Емотивно писмо до сите што ги загубиле родителите: „Зборувајте за оние што заминале, така тие ќе жив... Во првите денови по загубата, се чини дека солзите никогаш нема да преисушат, а ...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
Омиленото годишно време открива какви сте во љубовта (но и каков ви е карактерот) Многу работи го дефинираат начинот на кој луѓето сакаат и се однесуваат во љубов...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg