Србинка со другарка ѝ Хрватка го земаа другарот од Босна и отидоа на одмор во Црна Гора

Можеби звучи малку заплеткано, но да појаснам: една од српските блогерки, млада девојка која е мошне активна на социјалните мрежи, од оние мултиталенти на денешницата кои знаат да пеат, да шминкаат и да прават влогови на YouTube, со една од најдобрите другарки од Хрватска, која е од истата бранша, тргна на одмор во Црна Гора, со попатно застанување во Сараево, каде што го „собраа“ и другарот од БиХ.

Srbinka-so-drugarka-i-Hrvatka-go-zemaa-drugarot-od-Bosna-01.jpg

Одеднаш, се крена лавина од коментари како овие млади, распекмезени дечиња немале никаква почит кон минатото. Како тоа една „четничка“ тргнала на одмор со некојаси „усташка“, имаат ли грам памет и навистина ли морале да ја одберат таа пуста Црна Гора за одмор?

Уште па застанале на ќебапчиња во Сараево – дали се нормални? Па и другарот Босанец во истиот автомобил со нив, а го делат и истото сместување?! Е тука веќе се напнаа сите непознати другарчиња во виртуелниот свет, оние кои не ги познаваш, не си им видел ниту лик, ниту им го знаеш името, ама се самопрогласени експерти кои се кријат зад тастатурата.

Не можам да опишам колку невкусни и навредливи коментари прочитав за група 16-годишни тинејџери кои само сакаат да се забавуваат, како и сите нормални деца на нивната возраст.

Ама болката е како – КАКО една Србинка може да биде другарка со Хрватка или Босанец?

Додека толпата дебатираше колку е морално да се дружиш вака, какви изроди се овие денешниве деца, имаат ли мозок, што родители ги израснале, какви ли суштества се пак тие „па да се мои, јас ќе ги убијам“, итн., децата си уживаа, си се забавуваа како да ќе нема утре, што би се рекло народски „ич уво не им чуе“ за муабетите на експертите по историја, филозофија, гео-политика и морал и етика.

Многу пати сум слушнала како за денешнава младина велиме: Немаат поим од ништо! За оваа тема ми е крајно мило што немаат поим. И никогаш да не дознаат ништо. Да не се трујат со траумите од минатото и со грдите и лошите спомени.

Не им е гајле чија е песната што ја пеат сите заедно, сè додека таа им се допаѓа. Не им е гајле дали ќе летуваат во Хрватска или Црна Гора, сè додека им одговара местото за одмор. Национализмот им е непознат поим и именка – и фала ти Господе за нивната игнорантност и незнаење.

Големо фајде што некој ќе им ја наполни главата со крвавата неуспешна историја која не е вредна за споменување. Големо фајде ако ги израснеме децата во злобни, одмаздољубиви, националистички суштества со комплекс на инфериорност над другите, затворени и зачаурени во сопствените граници, немајќи допир со никој и ништо што е поразлично од нивната чистокрвна супериорна нација.

Големо фајде ако секој ден им ги трубиме настаните од минатото, работи кои се случувале кога тие воопшто не биле родени, ниту пак во план да се зачнуваат. Многу голема услуга им правиме – ги учиме да мразат, да се затвораат, да се полнат горчина, да се ограничуваат со предрасуди, да не сакаат да искусат ништо ново, да бидат строго „свои на своето“, оти комшиското е валкано и потајно сакаат да им ги ископаат очите и гробовите.

Со ваквата логика и расудување воопшто не се разликувате од Хитлер. И кога веќе се живее во минатото, барем да се споменува и слави убавото и вредното. А не да се изнесува низ нос најгрдото, најкрвавото, најлошото, чии рамки и окови сакате и во иднина да нè ограничуваат и стегаат.

Никому не му е гајле! Можеби ве боли, ама не ни е! Сакаме да се дружиме. Луѓето ги делиме на добри и лоши, не на Хрвати, Срби, Босанци, Бугари, Македонци.

Преку глава ми е од лошите коментари на YouTube кога ќе почнат бескрајните дискусии чија е песната, до каде се протега границата, ама не, ние сме ист народ во 2 држави, вие сте убијци, вие сте кучиња, вие сте бедници, вие не припаѓате никому, или секому…

Доста со труење, доста со националистичка омраза, доста со докажување, доста со разврските на историјата која ја пишувале победниците, профитерите или поединците како што им одговарало. Доста со паметување, со закани, со борбата кој е подобар, затоа што сите сме во истата каша, отруени од минатото и никако да започнеме да го живееме животот од утре и за утре.

Уште колку време и енергија може да им посветите на војните кои се воделе кога воопшто не сте биле ниту живи?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело 

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Емотивно писмо до сите што ги загубиле родителите: „Зборувајте за оние што заминале, така тие ќе жив... Во првите денови по загубата, се чини дека солзите никогаш нема да преисушат, а ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg