Драг Дедо Мраз, посакуваме здравје, наместо пари; љубов, наместо омраза…

Drag-Dedo-Mraz-posakuvame-zdravje-namesto-pari-01.jpg

Драг Дедо Мраз,

Ти пишувам, иако знам дека не постоиш. Одамна ја дознав вистината за тебе, можеби откако во истиот ден видов 5 различни Дедо Мразовци и одбив да се сликам со секој од нив, затоа што ја почувствував фасадата која напукнуваше зад оваа голема, шарена лага.

Сепак, моето срце сака да верува во чуда, па затоа решив да ти напишам писмо, нешто што одамна не сум го направила.

Во писмото до Дедо Мраз мојата внука напишала дека сака да биде поубава од нејзините другарчиња. Другите дека ѝ се смееле на нејзиното предно запче кое недостасува, бидејќи ѝ падна пред неколку недели, па ја задевале нарекувајќи ја „штрбле“.

Во Новата година посакувам да заборавиме на надворешната убавина. Да се воодушевуваме на убави глетки, на прекрасни пејзажи, на зајдисонца кои го одземаат здивот. На полиња преполни диво цвеќе, на диви планини, на кротки потоци. И таму некаде по нивното течение да ја пуштиме сета омраза, сета предрасуда поврзана со надворешната убавина.

Да не се делиме на убави или неубави според надворешниот изглед. Да ја вршиме оваа поделба според она што го отсликува душата во нас, делата кои ги правиме.

Дедо Мраз, во новата година посакувам здравје, наместо пари. Парите се печалат, се трошат, се губат. Копнееме сите по нив, убедени дека дебелиот паричник ќе ни донесе мир и среќа, но на крајот сфаќаме дека ниту една хартија не е доволно вредна колку здравјето.

Во новата година посакувам скромност и благодарност, наместо мегаломанија и ненаситност. Посакувам искрено насмевки, гласно смеење, повеќе дружби со пријателите, помалку со телефоните.

Посакуваме политичарите да не си играат со нашиот глас и да сфатат дека е помоќен од нивното ненаситно его. Посакуваме помалку политички емисии и дебати, бидејќи ни е преку глава од нив. Сакаме да се разбудиме во држава каде што нема да се опседнуваме со политика и експерти од утро до мрак и нема постојано да разговараме и да се расправаме на овие грди теми, секогаш и секаде.

Драг Дедо Мраз, подари ни светлина на крајот од тунелот. Подари ни надеж кога и последните резерви ни згаснуваат. Но, најмногу од сè, подари ни љубов. Искрена, чиста, силна љубов, олицетворена во мајчините очи, во татковата прегратка, во нежното стискање на рацете од баба и дедо.

Подари ни пријателска љубов, платонска љубов, љубов кон природата, кон животните, кон најблиските и своите, подари ни романтична љубов, детска љубов, жешка љубов. Само љубов нека е, Љубов со големо Љ!

И на крајот, знам дека на 1 јануари во новата година нема да се разбудиме послаби, помудри, со помалку долгови или без проблемите кои си ги влечеме со себе. Тие нема магично да се избришат како со гумичка.

Но, можеме да се разбудиме подобри и почовечни. И можеме да сонуваме за еден поубав свет, нели Дедо Мраз?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Кога сакам да не се нервирам, си велам „Ало, не е на татко ти“ Кога ќе видам како некој корне цвеќе од жардиниерата кај мостот „Гоце Делчев“ ил...
Драг сопругу, потребен ми е одмор понекогаш Драг сопругу... Морам да ти го напишам тоа што често се борам да ти го објаснам,...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Пејачот Даниел Данн за CRNOBELO лексикон: „Еден ден би сакал да имам ранч со животни“ „Првата симпатија ми беше уште од училишните клупи и се немаме видено многу одам...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg