Гушни ја мама денеска, утре ќе биде предоцна
Во животот сите нешто бараат од вас. Имаат очекувања кои треба да ги исполните, некоја претстава за вас која треба да ја одиграте без грешка. И најмалата тешко ја простуваат. И не ви ја забораваат. Ќе ја почекаат првата прилика кога ќе ви ја истријат раната со неа.
Така е со сите луѓе, освен со мајките. Тие разбираат. Тие простуваат. Но, најмногу од сè – тие сакаат безусловно.
Без разлика на вашите грешки, разочарувањата кои ќе им ги предизвикате, болката со која ќе им го раните срцето, на крајот од денот бидете сигурни дека само мајката е онаа која, без оглед на сè што сте направиле, сè уште ве сака.
Слепа и безумна е таа љубов, толку нежна и силна истовремено. Замислете да ве сака некој уште пред да се родите, уште пред да го прогледате првиот зрак светлина во животот.
Замислете некој да ве држи толку нежно, да ве нишка до заспивање, да бдее над вас и панично да проверува дали дишете или сте само длабоко успани.
Некој што ќе жртвува сè за вас. Што ќе се преправа дека не е гладен, да имате вие да каснете. Што ќе ги носи истите стари чизми и 5 години по ред за вие да имате нова, топла јакна.
Колку е големо мајчиното срце? Колку една планина, колку цела една вселена. Колку е силно? Челично е, може да ги поднесе сите удари, а сепак толку нежно и кршливо, пуштајќи солза во моментите кога повеќе не може да издржи.
Мама е топли кифлички и свежо испрани чаршафи. Мама е и тишина и гласно смеење кога двете се најмногу потребни. Мама е прегратка кога светот ти се распаѓа на илјади мали парченца и лепилото кое ќе ги спои повторно сите.
Мама е светлина во долгиот тунел мрак, искра надеж во денот кога си ја изгубил сопствената. Мама е материјалот од кој се создадени соништата. Мама е зборот кој ги опишува сите нежни чувства за кои не можеш да пронајдеш соодветни изрази.
И таа сака само да бидеш среќен. Здрав и среќен. И толку е. Така и таа ќе биде најсреќна.
Мама е дама. Тоа значи дека е самостојна и размислува со сопствената глава, значи дека таа може да стори сè. Дама не значи маникир и совршено испеглано здолниште, значи да заземеш став и да го ставаш истиот на продажба. Да се бориш за себе и за своите до последниот здив.
Мама значи да љубиш. Искрено, силно, чисто и безусловно. И да бидеш сигурен дека на крајот од денот, имаш некој, еден но вреден, кој би го потрошил и последниот атом енергија за твојата среќа и насмевка.
Гушни ја мама, денеска. Не утре, не за роденден, не за Нова година. Денеска, токму денеска. Утре ќе биде предоцна.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело