Вистинска приказна на македонски камионџија – Ќе загинев на автопатот, додека не застана Бугарин да ми помогне

Замислете да сте илјадници километри далеку од дома. Возите со часови, со денови, со недели. Ова е вашата професија. Сами сте, без никакво друштво, постојано зад воланот, во туѓи земји, преминувајќи граници, гледајќи непознати луѓе, слушајќи туѓи јазици, во обид да заработите парче леб за своето семејство дома.

Vistinska-prikazna-na-makedonski-kamiondzija-01.jpg

Велат, тежок и мачен е камионџискиот живот и само оној што го работел тоа може да ја разбере голготата на асфалтот кога е врел и испарува и кога е толку студен и подмрзнат што не знаеш дали ќе го истераш патот жив и здрав и дали ќе се вратиш дома кај своите.

Од многуте приказни кои ги има секој камионџија кој живее по патиштата запаметив една, навидум проста случка, но исполнета со толку многу топлина и хуманост, што ќе ви се врати вербата во човештвото.

„Камионот се расипа. Останав сам на сред пат, практично без помош. Сите обиди да го поправам возилото беа безуспешни. Во очаен обид да најдам некој да ми помогне, буквално застанав на средината на автопатот и мавтав со рацете за помош. За малку не ме испогазија. Верувајте, не застана никој со часови, а десетици регистрации беа македонски.

Не ми се веруваше дека никој не застанува. Јас сум возрасен човек во години, а од нервоза и мака ми доаѓаше да заплачам. На ова ли се сведовме, побрзо може да те згазат отколку да застане некој да ти помогне. Почна да се стемнува, а со сонцето згасна и сета моја надеж дека некој ќе се смилува и ќе застане да ми помогне.

Одеднаш, еден поголем камион од мојот почна да се движи забавено и да прикочува, сè додека не се паркираше пред мене. Од него се симна мало, ниско човече, насмеано и расположено. Прозбори на бугарски, а мене ме облеа неконтролирана насмевка. Сепак, се прекорив поради предвремената радост. Ќе види во што е проблемот и ќе крене раце, ќе си замине.

Човекот сепак, не замина. Напротив, остана скоро цела ноќ со мене додека двајцата го поправавме камионот. Ниту еднаш не спомна дека ќе задоцни, што ќе стане со товарот, дали ќе биде во неволја бидејќи го испорачал подоцна од договореното.

Не грижи се, постојано повторуваше. Ќе се поправи, сè се поправа. Поделивме оброк, пиевме кафе, зборувавме, се шегувавме. Не можев да се сетам колку долго не сум си направил муабет со некого, како со стар, долгогодишен пријател.

На крајот некако успеавме да го поправиме камионот. Бескрајно благодарен, му понудив на човекот пари за помошта. Ма какви пари, ние сме пријатели. Таман работа, за што сме тука, сами по патиштата? Па да си помагаме!

Изгледа човекот не западнал во неволја каква што ме снајде мене, па уште не ја почувствувал суровата страна на луѓето кои може да помогнат, ама одбиваат и наместо да застанат и да те прашаат добро ли ти е, тие го вртат погледот и продолжуваат понатаму.

Не само што ми ги одби парите, туку ми остави визит картичка, бидејќи живее блиску до морето, да сме му оделе на гости со фамилијата на лето. Ние сме сега пријатели, тука сме за добро и лошо.

Никогаш нема да го заборавам овој гест на добрина. Луѓе многу, ама човек, со фенер да го бараш, па да го најдеш.

И си размислував уште многу вечери после случката, какви луѓе сме ние Македонците? За сите имаме длабоко вкоренети стереотипи–овие се апаши, овие пештерски луѓе, овие смрдливи, гнасни, алчни, оние криминалци… а ние, какви сме ние?

Сме се погледнале ли? На сред автопат да те згазат „твоите“, никој да не ти застане. Да ти застане Бугаринот или Србинот или Албанецот попрво, а за сите нив имаме погрдни зборови, погрешни идеи и претстави.

Малку е потребно да бидеш човек. И навистина, нема никаква врска со верата или националноста. Има врска со тоа што го носиш во себе.

 

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

 

Би можело да ве интересира:

Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Седев сама на гинеколошка онкологија во Скопје и ми се плачеше „Тргнав утрово на скопската клиника, а нозете ми се враќаа назад. Не сакав никој...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg