„Да закажам за очно“ – „Аaa девојче термин на свети никогаш“
„Девојче, чекаат луѓе од цела Македонија. Тешко дека ќе дочекаш ред. Нема доволно офталмолози. Некои станаа директори, некои напуштија. Нема термини“, ми вели медицинската сестра.
Носам диоптерски очила за далеку, но мора да признаам не сум многу посветена и веќе некое време чувствувам дека ми е зголемен диоптерот. Појдов кај матичната докторка да земам упат за проверка и да си закажам термин, нели електронски.
Докторката ми вели: „Девојче жалам ама ништо од термин за преглед“, но провери за секој случај и кај медицинската сестра.
И таа ми го кажа истото.
Ѝ велам: „Не ми се брза ќе чекам, денови, седмици, отидов во крајност ѝ велам и месеци ако треба“.
„Жалам, тешко. Еве, ќе те ставам на списокот ама види колку е долг. Плус, вакви списоци има од сите болници, луѓе од цела држава чекаат за преглед. Има недостиг од офталмолози. Некои напуштија и се префрлија во приватните клиники, некои се отселија, некои станаа директори“, ми вели.
Ѝ велам: „И решение нема значи, морам на приватно?“
Не ми одговори гласно, но кимна со главата и направи еден израз на беспомошност.
И бев и лута и бесна и нервозна што залудно изгубив време. Но, не е таа виновна. Таа само искрено ми ја пренесе реалната ситуација на здравството во Македонија. Виновниците се некаде погоре на хиерархиската скала. Оние кои во елегантни костими седат во своите канцеларии и воопшто не се свесни со какви проблеми се судираат „обичните“ луѓе во здравството.
Замислете од здравствениот проблем да ви зависи животот, a да не постои слободен термин и доктор за вас, а верувајте се случува. Неодамна присуствував и на еден настан организиран за пациентите од рак и таму се говореше како нема доволно радиолози, онколози и дека се чека премногу за состојба од која на многу луѓе од цела Македонија животот им зависи.
Зошто плаќаме здравство, а сме присилени да се лечиме приватно? Кога веќе не ја добиваме таа услуга, барем тие средства од плата да ни се даваат на рака, па сами да можеме да се лечиме каде сакаме и како сакаме.
Инаку, да не заборавам и медицинската сестра на шалтер каков убав третман ми даде. Стоев десетина минути чекајќи да ми го даде вториот упат, што го побарав од докторката за анализа на крв. И кога веќе ги премина сите граници ја прашав дали некогаш ќе бидам услужена.
Таа конечно ми обрна внимание, дрско ми потврди и потоа ми се пожали: „Денес јас не сум била на пауза, дали знаеш ти?“
„Не знам и не ме интересира. Паузата е од 16 до 16:30 часот, а јас кај вас на шалтер стојам во 17:15 минути додека вие ѝ раскажувате на колешката за новите чизми што сте ги купиле на попуст. Само тоа го знам. Ништо повеќе.“
И потоа имав грижа на совест, ме навреди со однесувањето, но и неа не ѝ е лесно.
Изгледа ниту медицинските лица, ниту пациентите не се среќни со состојбата во државата и третманот кој го добиваат. Изгледа здравството, а и сите ние со него си плачеме за промени...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело