„Не се врти премногу, ти се гледаат гаќите!“ - денешните деца нема да ја сфатат среќата од ламбада сукњата и виножито-стегачот
Кога тргнав во прво одделение, за мене учителката беше светост. Мајка ми и учителката знаеја сè, неретко дури учителката и малку повеќе.
Што ќе кажеше таа, тоа беше „закон“. Не паметам дека сум чувствувала повеќе авторитет и почит кон кој било просветен работник во текот на целото мое образование.
Се сеќавам еднаш дека страшно се налути и нè испокара, а еден од виновниците бев јас. Одвај се воздржував да не заплачам, пропаднав во подот од срам и мака.
Имено, на подарок добив невидено нешто дотогаш–розова гума со пчеличката Маја со мирис на јагода. Сите деца побудалеа. Никој немаше такво нешто. Гума за бришење со мирис на јагода. Со пчеличка!
Машките деца од одделението се испотепаа кој да ја земе прв гумичката. На крајот, тоа лудило резултираше во гризење и џвакање на гумата. Машките едноставно си ја разделија гумата, ја изедоа со зборовите дека не само што мирисала на јагода, туку и вкусот ѝ бил јагодест.
Ќе пукнев од тага. Кога учителката дозна за нашиот мал јадачки циркус на гуми за бришење, се налути и нè казни сите, вклучувајќи го и сопственикот на гумата (јас), бидејќи не требало да ја донесам во училиште, другите деца немаат гума како мојата и ќе им било криво, ќе се чувствувале лошо.
Така некако нè воспитуваа, да не се покажуваме премногу пред другите, да внимаваме да не ги навредиме другарчињата и да не се почувствуваат незгодно затоа што тие немаат некои работи.
Денес тоа звучи и изгледа наивно. Денес сите се трудат што е можно повеќе работи да покажат на мегдан, да се натпреваруваат и да ти тријат сол на раната доколку не можеш нешто да му купиш на твоето дете.
Порано се трудевме сите горе-долу да бидеме исти и еднакви. Денес сите сакаат да бидат различни и секој да има што е можно повеќе од другиот.
Освен розовата гумичка со мирис на јагода, погледнете на какви работи „паѓавме во несвест“ од среќа:
Бициклистички
Фамозните бициклистички во сите можни бои и дезени. Имав едни најобични црни, со дречливо зелена врвка, која мајка ми подоцна ја извади и на неа ми го закачи клучот од дома.
Го носев околу вратот на врвката од бициклистичките, како некое ланче. Имав само 6 години, седевме сами дома и се чувавме. Никој не верува денес во оваа приказна.
Како сме се чувале сами толку мали, како несреќно сме вареле какао кое еднаш претече низ цел шпорет и како и сме јаделе полуживи недоварени јајца.
Ламбада сукњичка
Кога татко ми мѝ го донесе комплетот (многу сличен на овој во кројот), лимонова жолта боја со виолетов ластик, не можев да си поверувам на очите. Каква Макарена бре луѓе, кој не „ѕенѕал“ на Ламбада човек не е!
Оригинал ламбада сукња ви се молам! Нема потреба да потенцирам дека појадував, ручав, вечерав и спиев во неа. И задолжително се слушаше по дома – не се врти премногу, ти се гледаат гаќите!
Стегачот-виножито
Ова „чудо“ на технологијата ми го донесе вујна ми од „големиот град“ и беше пречекано повторно со општо воодушевување во малиот град каде што живеев. За среќа, трендот дојде многу брзо, а сите имавме виножито-стегачи.
„Филмот“ беше да се заврти стегачот колку што е можно повеќе пати околу опавчето со цел да се добие илузија дека носиш минимум 4-5 стегачиња во различни бои, кога ти всушност носиш само едно! Трансови.
Мислам дека сè уште имам проблеми со циркулацијата во главата од тоа бесконечно стегање на косата.
Пластични сложувалки
Се сеќавам дека имав две, и од толку многу што ги разместував и местев на крајот мислам дека можев да ги наредам и од едно гледање, со замижани очи.
Од толку многу играње на крајот парчињата од сложувалката се излижаа, па така пејзажот остана без неколку патки и шатки. Спиев со сложувалките под перницата да не ми ги земе некој.
Што си е сигурно, сигурно си е.
Тетрис
Ајде јас што се збудалев по местењето фигури на тетрисот, ама татко ми… ќе се испотепавме кој да игра на него. На почетокот имавме еден со 2 различни нивоа, а подоцна дојде пософистициран црн модел со некои 99 различни варијации на играта.
Големи радости за мали пари.
Вокмен
Кога добив вокмен мислиш пораснав преку ноќ. Касетине кои се слушаа тогаш беа прилично дискутабилни – Лепа Брена, Здравко Чолиќ, Црвена јабука и Глорија Естефан.
Каков музички избор со истенчен вкус, нели?
Ролери
Како да се објасни, да ни речеа мора да дадете еден бубрег за да добиете ролери, веднаш ќе кажевме ДА! Без размислување.
Бубрег, тоа неопходно е? Не. А ролерките? Апсолутно да!
Секако, беа далеку постар модел од овие на фотката. Немаше силиконски, туку пластични тркалца. Мислам дека мајка ми знаеше точно кога се враќам од возење, ме слушаше од едниот до другиот крај на улицата со тоа непрестајно лошо брмчење.
Ама меракот за ролери беше како ниту еден друг. Единствено повеќе се радувавме на:
Нинтендо
Здраво чудо на технологијата! Здраво плачки и тепачки кој е на ред да игра Супер Марио или да пука со пушката во шатките на екранот. Од сите работи наведени тука, единствено никогаш немав Нинтендо, затоа што беше прескап подарок за едно дете.
Се убив од молби и плачење, но попусто. Си реков – еден ден ќе работиш и кога ќе имаш пари, ќе си купиш Нинтендо. Има некаде да се купи функционално Нинтендо? Мислам дека би ме израдувало толку силно како некогаш, не се шегувам.
Најголем проблем на денешницата е – што да им се купи на дечињата за роденден?! Што е тоа што ќе ги израдува толку многу, како гумичката со мирис на јагода или виножито-стегачот или ламбадата што нè радуваа нас?
Конечното решение е – дека скоро ништо не ги радува децата денес. Не можеш да израдуваш или да изненадиш некого што практично има сè.
Па научете ги децата да се радуваат на мали нешта. И да посакуваат Нинтендо, макар и 20 години подоцна.
(О)Милена | Црнобело