Какво шишање ти е тоа од 200 денари? - А твоето за 2.000 да не доаѓа со гратис ручек за цела недела?
Ви се чудам луѓе како имате разум и доблест да се ужаснувате од некои сосема нормални работи. Луѓе што јадат растителен кашкавал. Жени што изнајмуваат или позајмуваат невестински фустан. Оние коишто купуваат облека од „втора рака“.
Дечиња кои носат облека од своите постари браќа и сестрички. Родители кои репарираат старо креветче за детето, затоа што не им се фрлаат пари на ново и три пати помалку квалитетно.
Жени кои користат поевтини кармини. Луѓе кои работат втора, па и трета работа во обид да заработат малку повеќе.
Па така од високо гледате, проценувате, осудувате, како да сте најпаметни и ги имате сите одговори на светот.
Хранети сте со златна лажичка, ве служеле дома како членови на кралско семејство, па правите такви некои гримаси за нечии туѓи избори без да размислите колку ги повредува.
Знаете ли каде живеете, само тоа се прашувам? Отворете весник, веб портал, слушнете вести, ќе ви стане јасно.
Ауф, вие јадете од растителниот кашкавал? Бљак, мене ми е како гума. Одвратен е.
Честитки, ти си само одвратна во ситуацијава. Можеби таков кашкавал им се допаѓа. Уште поверојатно е дека само таков може да си дозволат. Важно ти се најде најпаметна да кажеш дека јадат неубав кашкавал.
И што ти смени тоа во животот? Се почувствува попаметна, повредна, посупериорна?
Истото важи и за облеката, кармините, креветчињата. Животов излезе како еден огромен натпревар, а победува тој што ќе „лупне“ најмногу пари на најбаналната глупост.
Штооо, се шишаш за 200 денари? Аман, што шишање е тоа, што ти прават таму?
Ме шишаат нормално, а тебе за 2.000 денари фризура и ручек да не ти даваат за цела недела гратис?
Срам да те фати да кажеш дека си купил нешто евтино. Тоа е одма: неквалитетно, сомнително, расипано, бајато. Тресни му некоја висока цена на истото, сите ќе ја изгубат главата.
Како бе таа некоја ќе се мажела во изнајмен фустан? Бракот ќе ѝ пропадне во првите 3 месеци.
Ако мислите дека брачната или која било среќа во животот зависи од цената на фустанот, големината на свадбата и луксузот, сериозно преиспитајте се и обидете се да си го зачувате мислењето за себе. Затоа што е крајно незрело и делувате смешно и жално.
А кога ќе погледнете кој ги дава овие коментари, кои се тие вечни осудувачи на нечии туѓи избори, ви доаѓа да вреснете од смеа. Прво погледнете се себеси во огледало, а потоа осудувајте кој што јаде, пие, каде шета и како се облекува.
Тебе можеби ти е пријатно или врвен приоритет да „лупнеш“ 50 евра за фризура, некому не му е.
Ама ти утре ќе кажеш каде си била, кој те средувал и земјава чиниш ќе доживее потрес, а маалската фризерка може да работи исто толку добро (и да, ги има што работат одлично за пристојни суми на пари), ама не звучи толку кул и префинето, нели?
Секој со својот избор, ама престанете да се правите многу паметни за другите. Ако немате да кажете ништо умно, молчете, никој нема да ви замери. Подобро така, отколку да навредувате некого и да го ставате во непријатна ситуација.
Не е злато сè што сјае. Кај вас сјаат само златните ланчиња и прстени, во ликот и душата сте сиви и расипани.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело