600 денари за заб се многу, а за нокти таман - е не може така другари

Колку време не си дошла?, ме прашува забарката додека зјаам со отворена уста и ми ги прегледува забите.

600-den-za-zab-se-mnogu-a-za-nokti-taman-01.jpg

Од лани, одвај успевам да изговорам.

Е, многу убаво. Наместо еден тогаш, сега ќе поправаме три заба.

Лелее… а колку ќе чини?

Па ќе видиме… ама не ми е јасно зошто не си доаѓате редовно на забар?

Па докторке скапо ни е… ставка во буџетот е, 600 денари еден заб, не е малку.

Ма немој? А 600 ден. за нокти ви е таман, дури и евтино?

Ја насетувам нејзината горчина и бес во гласот. И погодете што – знам дека е во право.

Фрламе толку пари на глупости, ама за вистински важните работи немаме ниту време, ниту финансии.

Без проблем ќе дадеш и повеќе за добра пудра, нокти или парфем. Поправката на еден заб те чини колку 2 кармини, а ти ги имаш 10.

Ама сè некако тие работи имаат приоритет во нашите животи, сè она што е на виделина и однадвор. Она што е одвнатре може да скапува. Како забите, така и сите органи за кои не се грижиме и не ги проверуваме редовно.

Битно убаво мирисаме.

Сте забележале ли колку погрешно живееме и ги поставуваме приоритетите? Дома може да се распаѓа, покривот да прокиснува, паркетот да крцка и уште да си со регалот и милјето од баба, ама ќе одиш на 3 одмори и 2 зимувања и уште десетина викенди надвор од градот или државата.

Фрижидерот може да зјае празен со маргарин и парче мувлосано сирење, ама надвор ќе јадеш скап бургер кој не вреди ниту за половина од високата цена.

И сè така некако на погрешни работи си ги фрламе парите, на партали, на некакви си обувки и скапи часовници, а за нашиот духовен развој, здравјето или за домот немаме никогаш да одвоиме доволно.

Доаѓа некој квалитетен пејач или бенд, сите ќе се потепаат за гратис билети. За тоа не вреди да дадеш пари. За кино или за театар, исто така.

Ако има гага, добро е, ако нема ќе се седне комотно во кафена со тие пари. Ќе се потрошат и многу повеќе, ама за кафеаната, нели, вреди. За некој што 3 часа глуми во претставата и го заработува лебот, е за уметноста не вреди.

Кај нас сите што трошат пари првенствено да ги нахранат умот и духот пред стомакот се сметаат за лудаци.

Види ја, фрла пари на книги, отидена со паметот. 3 пара штикли ќе си купи наместо тие глупости.

Немаме проблем да дадеме пари за скапа фризура, ама нè боли кога ги даваме за редовен гинеколошки преглед.

Сите сме изместени со паметот. Ќе одиме на одмор, а ќе оставиме куп неплатени сметки. Ќе се задолжиме ако треба за најновиот телефон, а за 3 месеци ќе нè исклучат затоа што немаме доволно пари да си ја платиме сметката.

Ние сме, најблаго кажано, расипикуќи. Недомаќини луѓе. Не сите, но најголемиот дел сме.

Најлошо е што не си признаваме или не го препознаваме ова лудо расипништво. Тоа зборува многу за нас како луѓе и за целото општество како целина.

Значи, се договоривме? Поправаме 3 заби, така?

А да поправиме сепак само еден, тој што е најрасипан… а за другите ќе дојдам следниот месец, ветувам.

Излегувам и се упатувам кон трговскиот центар. Има една чанта што одамна ја меркам на добар попуст, не планирам да ја испуштам…

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Кога стана толку безобразно скапо да се излезе на „пијачка“ во Скопје? Јас сум од времето кога џин-тоник беше 60 денари, шише пиво се продаваше за 50, ...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg