Скришно ми даваше пари, не прифаќаше дека не сум гладна - Зошто сум среќна што пораснав со баба?
Според бабините правила, секогаш студи
Според бабите, нам, на децата, секогаш ни студи. Па, мора да се носат барем по две долни маици, два пара чорапи и хеланки и, секако, џемпер или дуксер, за секој случај.
И нормално, не смее да се седи со мокра коса или „гола кичма“ затоа што така се настинува.
Бабините лекови - чај, ракија и млеко со прегорен шеќер
Кој растел со баба, знае дека тие знаат најдобро што ни треба и како да нè излекуваат.
Според баба ми, чај од нане е лек за болка во стомакот, камилица - за подобар сон, а чај од мајчина душица - ја смирува кашлицата. И кој, како и јас, растел со баба, пиел млеко со прегорен шеќер кога го болело грлото.
Температурата се симнува со чорапите натопени во оцет или со масажа со топла ракија, секако, украдена од дедо.
А, топла ракија, со лимон и мед, лекува сè. Според дедо, пак, по бричење - секогаш малку ракиичка, нема потреба од посебни кремови за после бричење.
Маслото со кантарион кое го правеше секое лето беше лекот за секое раскрвавено колено или лакт од детските игри и падови среде улица.
А, домашната супа со пилешко и моркови е лекот за сите настинки. И не знам дали е до супата или љубовта, грижата и негата од баба, но секогаш ми поминуваше.
Засекогаш ќе бидеме бабина гордост
Не постои ништо што ќе го промени високото мислење што бабите го имаат за своите внуци кои, во нејзините очи и срце, секогаш ќе бидат совршени и безгрешни.
Таа е секогаш подготвена да се кара со своите родени деца само за доброто на нејзините внуци. Колкупати после караница со мајка ми трчав кај баба ми... Верувам не сум ни сама во тоа.
Без разлика дали сме добиле петка, четворка или тројка, дали сме паднале или положиле испит, дали сме добиле унапредување на работата или отказ, секогаш бабата за нас ќе збори со најголема гордост.
А бабите, тие сакаат да зборуваат, да се фалат, да си докажуваат една на друга колку нивните внуци се успешни, најдобри, најумни!
Бабите се тие кои ги даваат најтоплите прегратки, ги имаат најутешните зборови, најнежно ни ја чешлаат косата и ни ги плетат најмеките џемпери и шалови.
Јас ја имав таа чест да растам со баба наместо во градинка, и сите тие спомени вечно ќе ги носам во душата.
А, и науката ме поддржува - многу студии велат дека бабите и дедовците играат многу значајна улога во растењето на децата.
Децата кои растеле со баби и дедовци се посреќни, ги почитуваат постарите и нивните зборови, поемотивни се и често се повикуваат на нивните совети при дилеми и проблеми.
Децата кои растеле со баби и дедовци ги почитуваат традициите и семејните вредности.
За внуците, пак, велат им го продолжуваат животот на бабите и дедовците.
Мајка ми сè уште се чуди како баба ми, нејзината мајка, со неа и нејзините сестри била строга и често ги карала, а со внуците е нежна, грижлива и полна со трпение.
На тоа, баба ми вели - едно е да си мајка, а друго е да си баба. Мајка учи и дисциплинира, баба чува и разгалува.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј.| Црнобело / фото: depositphotos.com