До каде е светот, до каде сме ние: Кина планира да направи соларна централа во вселената
Кина планира да ја направи првата соларна централа за производство на чиста бесконечна електрична енергија, во вселената.
Научниците во Кинеската академија за вселенска технологија тврдат дека веќе ја тестирале технологијата и планираат да ја направат вселенската станица за електрична енергија до 2050 година.
Според истражувачот од Кинеската академија Панг Жиао, оваа технологија ќе може да обезбеди непрекинато снабдување со електрична енергија од сонцето и тоа без проблемите кои настануваат од атмосферата, облаците или ноќните периоди.
Овој вид на вселенска станица би можела да произведува непрекинато електрична енергија дури 99% од времето, а со шест пати поголем интензитет од соларните фарми на Земјата.
Агенцијата веќе изработува експериментален модел на тест локација во Чонгинг. Тие ќе продолжат со тестирање на моделот во наредните 10 години, со цел да започнат да ја градат станицата до 2030 година.
Овој концепт на собирање на електрична енергија од сонцето во вселената е стар неколку децении, а своевремено дури и НАСА ги има разгледувано овие опции. Јапонската агенција за аеронаутичко истражување, исто така, е на задача да постави соларна електроцентрала во вселената.
Едно од главните прашања во врска со оваа технологија е како електричната енергија ќе биде пренесена на Земјата. Кинеските научници велат дека му се посветиле на овој проблем и најверојатно ќе се употребуваат или микробранови или ласерски зраци за оваа цел.
Систем којшто ќе ги прима овие трансмисии ќе биде поставен на земјата и ќе ги претвора истите во електрична енергија којашто ќе ја пренесува во електричната мрежа.
Другото големо прашање е како оваа централа би се пренела во вселената. Тежината на Кинеската вселенска електроцентрала би била околу 1000 тона – речиси двојно повеќе од Интернационалната вселенска станица.
Истражувачите испробуваат методи дали станицата би можело во најголем дел да се склопува во вселената со помош на роботи и 3D печатење.
(О)Милена | Црнобело