Зошто (не) треба да го купите првиот паметен телефон со екран којшто се превиткува?
Уште откако Apple го лансираше Ајфонот во 2007 година, паметните телефони постојано стануваат помоќни, уште подобро стилизирани и со уште повеќе опции од кога било претходно. Но, основната форма секогаш остануваше иста, сè до сега.
Додека сите го очекуваат најновиот Samsung Galaxy Х, којшто ќе се превиткува како книга, а наскоро се очекува и од LG сличен телефон којшто ќе се витка. Компанијата со име Royole веќе го претстави првиот паметен телефон Royole FlexPai со екран којшто се превиткува на половина.
Ова е телефон каков што не сте виделе досега и најверојатно ќе постави нови правила на игра на пазарот на паметните телефони. Отворен, телефонот има екран од 7,8 инчи, што е димензија на мал таблет, со резолуција од 1920 × 1440 пиксели.
Превиткан, FlexPai наеднаш добива два дисплеи, еден одзади со 16:9 однос на страните и еден од напред со 18:9 однос на страните.
Ова е многу практично за фотографирање, бидејќи сликата ќе може да ја видат и оној што фотографира и оние што се фотографираат, па така нема потреба од дополнителна селфи камера.
Кога сме веќе кај камерата, имате избор од две леќи, една телефото од 20MP и една со широкоаголна од 16MP.
Кога телефонот е превиткан не морате да го користите вториот дисплеј. FlexPai автоматски детектира кој екран го користите и го исклучува другиот за да заштедите батерија.
Екранот е пластичен, не стаклен, со цел да може да се превиткува, а компанијата тврди дека екранот ќе издржи 200.000 превиткувања пред да почне да се појавуваат оштетувања. Тоа значи дека доколку го превиткувате дури и по 100 пати на ден, екранот би требало да трае 5 години без никаков проблем.
Што се однесува до перформансите, Royole FlexPai доаѓа со 6 GB или 8 GB RAM и можност за 128 GB, 256 GB или 512 GB интерна меморија и користи Qualcomm чип од осмата генерација.
Сево ова налага цената на овој паметен телефон да биде прилично висока, а таа се движи од 1.300 долари за најслабата верзија, до 1.879 долари за најјаката верзија на моделот.
Можеби, сепак, би било попаметно да почекаме да излезат и конкурентните верзии на Samsung и LG, како би можеле да ги споредиме цените и исплатливоста.
(О)Милена | Црнобело